Полицијата се судри со демонстранти во Бања Лука, повредени неколку лица

149

Попладнево на Плоштадот на Краина во Бања Лука дошло до судири меѓу полицијата и граѓани, приврзаници на групата „Правда за Давид“, во кои биле повредени неколку лица, а пратеникот на опозициската ПДП Драшко Станивуковиќ повторно е уапсен, јави Танјуг повикувајќи се на порталот Инфосрпска.

Откако од Плоштадот на Краина беше отстранет симболичниот споменик „Давидово срце“, граѓаните направија друго во кое палеле свеќи, а кога припадниците на комуналната хигиена тргнале да го отстрануваат и тоа срце дошло до судири во кои се повредени неколку лица.

Пратеникот Драшко Станивуковиќ и лидерот на ПДП Бранислав Бореновиќ, по приведувањето биле пуштени и им се придружиле на граѓаните на Плоштадот на Краина.

Станивуковиќ на полицајците им довикувал дека треба да се засрамат и оти нема да се тргне од плоштадот и ги повика граѓаните да не си одат, а другите ги повика да дојдат.

Полицијата на плоштадот добила зајакнување со целосна опрема за разбивање демонстрации.

Потоа Станивуковиќ повторно бил уапсен.

Групата „Правда за Давид“ беше создадена на 26 март, после прес-конференција на која високи функционери на МВР на РС соопштија дека Давид на кобната ноќ прво се степал со три лица, потоа ограбил една куќа, а по несреќен случај завршил на дното на реката Црквена.

Родителите на Давид Драгичевиќ тврдат дека тој бил киднапиран, мачен, силуван и дека на крајот го убиле припадници на МВР на Република Српска.

Од 26 март на бањалучкиот Плоштад на Краина секоја вечер се одржуваат собири „Правда за Давид“.