Полицијата во регионот води битка со 20 црногорски кланови

164

Нарко бизнис, убиства, застрашување, претепување, лихварство, перење пари и шверц на автомобили се најчестите „бизниси“ со кои се занимаваат црногорските криминални кланови, пренесуваат српските медиуми. Според неофицијалните информации, околу 20 криминални организациии делуваат во Црна Гора. Ваквиот податок се совпаѓа и со документот на Европол за 2013 година.

„Центар“ на моќта на ваквите групи главно се ликови кои имаат поддршка од блиски соработници и пријатели. Влијанието на поединци од овие кругови, преку нивните луѓе неретко минува и надвор од границите на Црна Гора. Така, Србија и Босна и Херцеговина се земји во регионот во кои „жестоките“ момци го шират својот бизнис, но и ги пренесуваат судирите. Тука спаѓаат уште Хрватска и Албанија, пишува црногорскиот медиум „ЦдМ“.

Официјални одговори за бројот и делувањето на криминалните организации, редакцијата на „ЦдМ“ уште не добила од Управата на полицијата на Црна Гора, иако прашањата им се пратени уште на 19 декември 2017 година.

Најчести видови дрога што ги шверцуваат црногорските кланови се хероин, кокаин и марихуана. Црна Гора е во таа „игра“ главно транзитна зона. Само мала количина од сета оваа дрога останува во земјата како крајно одредиште.

Во јавноста е познато дека „исчезнувањето“ на 200 килограми кокаин во Валенсија, наводно, бил пресудниот мномент за започнување на пресметката меѓу црногорските кланови. Најсуровата борба се води меѓу „кавачкиот“ и „шкаљарскиот“ клан, чии членови делуваат и надвор од ѕидините на Котор. До ескалација на нивниот судир дојде по убиството на водачот на навивачите на Партизан, Александар Станковиќ, познат како Сале Мутави, во Белград.

Некогашната иста екипа од двете населби во Котор ги подели наводното „исчезнување“ на кокаинот, по што почнаа пресметките. Судирите меѓу „кавчани“ и „шкаљарци“ се „решаваа“ во Белград. Според неофицијалните информации, во овие судири на белградските улици досега настрадале Далибор Деспотовиќ, Даворин Балтиќ, Бранислав Брано Шарановиќ, Слободан Стевовиќ, Горан Радоман…

Инаку, вакви криминални кланови се регистрирани и во Бар, Никшиќ и на северот на Црна Гора.

Оние кои според неофицијалната евиденција на полицијата се шефови на црногорската мафија, главно се надвор од нејзините граници. На некои им се суди во отсуство за убиство, создавање криминална организација, за илегални дејства и за тешки кривични дела. Според непишаното право, најсилните адути во овој свет дејствуваат од сенка. Повлекувањето потези од „дистанца“, преку уиграни луѓе и платеници, ги прави главните во оваа приказна да станат „недопирливи“.