Полициска акција предизвика предвоена состојба!

126

Специјалните сили на Косово од вчераутро спроведуваат акција за апсење на осомничени криминалци на северниот дел на земјата. Косовските власти тврдат дека акцијата е против организираниот криминал.

– Полициската операција, која се спроведува во неколку региони, меѓу кои и во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, досега резултира со апсењето на неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за разни дела – се наведува во соопштението на косовското МВР.

Медиумите во регионот информираат дека се уапсени 13 Срби од полицијата во Зубин, а во акцијата имало истрели и ранети. Припадник на косовската полиција е ранет во акцијата на специјалните полициски единици РОСУ во општините со мнозинско српско население во северно Косово, јавија косовските медиуми повикувајќи се на полициски извори. Специјалните единици на косовската полиција го уапсиле шефот на полициската станица во Зубин Поток, кој е од српска националност.
Поради влошување на безбедносната состојба на Косово, Србија ги стави сите единици на армијата во состојба на целосна борбена готовност. Полицијата се соочи со оружен отпор во Зубин Поток, како и со блокади на патиштата. Според извештаите, се повредени четворица полицајци, од кои еден бил ранет. Српската државна телевизија РТС објави дека двајца етнички Срби, исто така, биле повредени за време на операцијата.

Полициската акција ги зголеми тензиите во односите со соседна Србија, која ги стави сите единици на армијата во состојба на целосна борбена готовност, објави Радио Слободна Европа. Во врска со настаните во северниот дел на Косово се огласија сите политички фактори во Белград и во Приштина.
– Ако постои загрозување на поредокот и животите на луѓето во северниот дел на Косово, нашата армија ќе го заштити нашиот народ – изјави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според него, во акцијата се уапсени 23 лица од српска и од бошњачка националност, претежно членови на косовската полиција во Косовска Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, тврди дека акцијата на косовската полиција е дизајнирана да ги заплаши и да ги истера Србите од Косово и претставува „не само закана за стабилноста, туку и директна закана за мирот“.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека операцијата е против шверц и организиран криминал во рамките на нивната посветеност за владеењето на правото за сите.
– Потврдувам дека таа операција е насочена против организираниот криминал и цел се полициски и царински службеници. Ги повикувам граѓаните да останат мирни – напиша Харадинај на Твитер.

И вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, порача дека уапсените се „дел од мрежа што е длабоко вмешана во шверц, корупција, злоупотреба на службена должност и други видови организиран криминал“.
Косовскиот претседател Хашим Тачи порача дека операцијата на полицијата е за доброто на сите граѓани на Косово.

По акцијата полициските сили се повлекоа од северно косово

Вучиќ: Белград има две опции

Србија мора да прифати дека ја загуби контролата врз Косово и да бара компромис за нормализација на односите со Приштина, рече српскиот претседател Александар Вучиќ, во своето обраќање пред парламентот на Србија, посветен на преговорите со Приштина.
Вучиќ предупреди од нови судири доколку не се најде „компромисно“ решение за поранешната српска покраина.
– Треба да признаеме дека сме поразени. Ја загубивме територијата – дополни српскиот претседател. Според него, пред Белград се две опции: да се нормализираат односите преку договор или да се одржува замрзнат конфликт.


КФОР смирува

Командантот на Меѓународните сили на Косово (КФОР), италијанскиот генерал Лоренцо Д’Адари, вчера ги повика косовските граѓани да останат мирни, порачувајќи им дека нема од што да се плашат. Според КФОР, акцијата е врз основа на налози за апсење издадени од страна на суд во Приштина, во рамките на истрага поврзана со корупција.


Реакции од Москва

Руското министерство ги повика меѓународните покровители на Приштина да ги вразумат косовските радикални сили и да спречат понатамошна ескалација на конфликтот.
Тие додаваат дека провокацијата на Албанците против Србите на Косово е директна последица на долготрајната попустливост на ЕУ и на САД.
Министерството за надворешни работи на Русија реагираше на вчерашното апсење на рускиот државјанин во Косово и побара детални информации околу целата постапка. Во соопштението се наведува дека соработникот на ОН, Михаил Красношчеков, поседувал дипломатски имунитет и се бара негово итно ослободување.