Политичка пресметка и преку здравјето на Вучиќ

121

Здравствената состојба на српскиот претседател Александар Вучиќ е стабилна и тој е пуштен по лекувањето во Воено-медицинската академија, објави вчера Српската радио-телевизија. Вучиќ претходно објави дека во понеделник повторно ќе се врати на работа. Тој беше примен во ВМА во петокот поради кардиоваскуларни проблеми.
Хоспитализирањето на српскиот претседател беше повод за нова медиумска пресметка меѓу претставниците на власта и опозицијата. Според функционери на владејачката партија СНС и нивните блиски аналитичари, за влошувањето на здравствената состојба на претседателот на државата е „одговорен“ новинарот на телевизијата Н1, поради прашањето што му го постави на Вучиќ минатиот петок, при неговата посета на градилиштето на „Белград на вода“.

Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, јавно го посочи новинарот на Н1 Миодраг Совиљ, кој, според него, „му го ставал мобилниот телефон во лице на претседателот“ и го обвини дека се однесувал уличарски.
Провладините медиуми го обвинија новинарот дека со неговото прашање дали има судир на интереси го изнервирал Вучиќ толку многу што тој бил доведен до прединфарктна состојба. Осуда за однесувањето на новинарот пристигна и од телевизијата Пинк, а главниот уредник на „Информер“, Драган Ј. Вучичевиќ, напиша дека новинарот имал задача да го испровоцира Вучиќ, за потоа да се направи хаос од тоа.

Југослав Ќосиќ, директорот на телевизија Н1, во изјава за „Данас“ ваквите интерпретации ги оцени за „бесмислени и трагикомични“.
– Бесмислено е да се тврди дека на претседателот му се слошило поради професионално поставено новинарско прашање – вели Чосиќ, кој потсети на работата на претседателот, што подразбира и одговарање на новинарски прашања.
„Ајде да не се занесуваме“ е реченицата која му ја кажа новинарот на српската телевизија Н1 на претседателот Александар Вучиќ.

Новинарот на Н1, кој од провладините медиуми е обвинет дека го растревожил Вучиќ, всушност го прашуваше за аферата за трговија со оружје во која, како што објави БИРН, таткото на министерот за внатрешни работи, Бранко Стефановиќ, бил дел од делегацијата на фирмата што ја посетила фабриката „Крушик“.