Политичарите на Балканoт во клинч околу социјалните мрежи

74

Соочувањето меѓу приврзаниците и противниците на Доналд Трамп на Балканот се префрли се префрли на алтернативните платформи, на кои доминираат содржини што промовираат говор на омраза

Исклучувањето на Доналд Трамп од социјалните мрежи предизвика поделеност меѓу граѓаните за (не)оправданоста на одлуката на големите интернет-компании. На Балканот се појави остра полемика на социјалните мрежи меѓу оние што се залагаат за „прочистување“ на интернет-просторот од пораки што шират насилство и омраза и на оние што ограничувањето на говорот го сметаат за воведување цензура на социјалните медиуми. По оневозможувањето на пристапот на популарните социјални мрежи, голем број приврзаници на американскиот претседател Доналд Трамп од Балканот ја продолжија нивната поддршка на алтернативните интернет-платформи за комуникација со граѓаните. Радио Слободна Европа пишува за активноста на пратеникот во српското собрание од редовите на владејачката Српска напредна партија Владимир Ѓукановиќ, кој порача дека „ќе се дружат овде сѐ додека не биде нешто подобро“, која ја објави на платформата Геб, која стана алтернативен канал за огласување на Трамп и на неговите следбеници во светот. Ѓукановиќ го напуштил Твитер по, како што напиша тој, „гаснењето на неистомислениците и поддржувањето на цензурата“. Постапката за мигрирање на други социјални мрежи ја следеле и други српски политичари од СНС, а некои се префрлиле и на руската верзија на Твитер. Подршка на Трамп му дал и Саша Радуловиќ, лидерот на опозициската и вонпарламентарна партија Доста беше. Неговата партија отворено се сомнева и во ефикасноста од вакцинацијата против ковид-19, а застапува и антимигрантски ставови. Меѓу корисниците на алтернативните социјални медиуми се и многу граѓани од Србија што застапуваат антиваксерски ставови или десничарски политики, а се и поддржувачи на разни теории на заговори.

Геб е позната во јавноста како „рај за неонацисти“, а тоа се должи на политиката да не ги исклучува профилите на корисниците што шират антисемитизам, расизам и говор на омраза. Поради тоа голем број припадници на неонацистичките групи со години се присутни на оваа и на други платформи, пишува Радио Слободна Европа.
Андреј Петровски, технички директор во невладината фондација „Споделување“, вели дека е потребно да постојат одредени правила за однесување на социјалните мрежи, но потсетува дека интернет-просторот е широк и на него сите наративи си наоѓаат место.
– Исклучувањето на ретроградните наративи помага затоа што се ограничува пристапот на луѓето, но негативниот аспект на оваа тактика е што овие групи стануваат кохерентни и порадикални. Излезот од ваквата состојба е во едукација на корисниците на интернет и како да ги читаат информациите на светската мрежа – вели Петровски за Радио Слободна Европа.
На темата за оневозможување на користењето на социјалните мрежи деновиве ѝ се посветуваат и медиумите во Хрватска. „Јутарњи лист“ во својот коментар дава видување за причините за „забрана“ на Доналд Трамп на популарните социјални мрежи.
– Трамп беше толериран и фаворизиран сѐ дотогаш кога неговите лаги и неговите фантазмагории донесуваа нови следбеници, кликови и профит. Во моментот кога паѓа од власта, а неговите акции финансиски може да им наштетат на мрежите, тој станува „непожелна личност“ и му се затвораат профилите, а строгоста се вежба и на други социјални мрежи. Неправедно? Да, но не е важно. Тоа е капитализам – пишува во коментарот објавен во „Јутарњи лист“.

Во Хрватска има примери на непримерно користење на социјалните мрежи од политичарите и државните функционери. Елизабета Маѓаревиќ, хрватска амбасадорка во Берлин, беше обвинета за расизам и беше суспендирана од должноста по нејзината објава за „чиста и автентична Европа, само со бели Европејци“. Европратеничката Жељана Зовко на социјалните мрежи го „славеше“ основањето на (непостојната) „Хрватска Република Херцег-Босна, како темел на одбраната и зачувувањето на хрватскиот идентитет во БиХ“. Но таа не можеше да биде отповикана од функцијата пратеник во Европскиот парламент.
Социјалните мрежи како Твитер, Фејсбук и Јутјуб беа максимално искористувани за водење партиска кампања од страна на помалите политички партии во Хрватска. Оваа можност најдобро ја искористи Жив ѕид, која ја водеше својата борба против извршувањето на банкарските хипотеки на презадолжените хрватски граѓани. Од хрватските политичари, најотворен за интернет-комуникација со граѓаните, обожавателите и критичарите е актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кој во искажувањето на своите ставови против соите политички конкурентни е многу директен и остар. Но со неговата изјава дека „никакви мириси и сапуни не може да го исперат национализмот во БиХ“ предизвика остри реакции и негодување од политичките партии и лидери во Босна и Херцеговина.

Социјалните мрежи стануваат клучен дел од политиката на балканските политичари, кои значаен број од нив ги користи во секојдневните кампањи за сопствена промоција, но и за оцрнување на противникот. Од партиите се ангажираат и многу лица за редовно ажурирање на профилите на политичарите.