Педесет илјади луѓе протестираа синоќа во Подгорица

185

Додека Црна Гора бележи рекордни дневни бројки на инфекции со коронавирус, во Подгорица синоќа се одржа политички собир на кој се протестираше против новоизбраното мнозинство предводено од просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“, а чиј организатори се претставуваат како „црногорски патриотски организации“.

Еден од организаторите, Пеџа Вушуровиќ, рече дека Црна Гора живеела пред и ќе живее по него. Тој пред присутните истакна дека единствената партија што ги собрала е Црна Гора. Исто така посочи дека деновиве во земјата се сервира туѓ оброк, со туѓи знамиња, по 75 години. „Црна Гора е заситена од четничката слобода“, додаде тој, обраќајќи им се на присутните, а пренесува црногорски „Вијести“.
Околу 50.000 луѓе дојдоа на протестот, на кој според локалните медиуми пристигнале граѓани од сите делови на земјата. Тие скандираа „Се крена Црна Гора, државата да се брани мора“, „Нема да се откажеме од државата“, „Црна Гора е вечна“.

Повикот за митингот кој се одржа на централниот Плоштад на независноста во Подгорица, се појави на социјалните мрежи пред неколку дена, а следуваше по минатонеделниот пораз на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ на парламентарните избори, на кои партијата ја изгуби власта по 30 години. Во поканата, под знамето на Црна Гора, стоеше: „Црна Гора те повикува, немаш изговор“.
Црногорската полиција не одговорила на прашањата на дневниот весник „Вијести“ кој е организатор на собирот и дали е одобрен истиот, а претходно ДПС соопшти дека станува збор за патриотскиот собир што не е во нивна организација.

Во меѓувреме, еден од лидерите на Демократскиот фронт и коалицијата „За иднината на Црна Гора“, Милан Кнежевиќ, изјави дека очекува формирањето на парламентот и новата влада во Црна Гора да биде до крајот на септември или најдоцна во првите денови од октомври.

Инаку, црногорскиот бизнисмен Душко Кнежевиќ деновиве поднесе кривична пријава против претседателот Ѓукановиќ.

Кнежевиќ го обвини претседателот за сторено кривично дело повикување на насилна промена на уставниот поредок.

Во изјавата на неговиот адвокат се вели дека Ѓукановиќ меѓу 30 август и 4 септември повеќепати повикувал на сила да се менуваат резултатите од парламентарните избори, иако, како што се додава, тој декларативно го признал поразот на ДПС на изборите, пренесува „Вијести“.