Партијата на Ердоган сака да го разреши поранешниот премиер Ахмет Давутоглу

240

Ал џезира

Владејачката партија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган едногласно донесе одлука да го испрати поранешниот премиер Ахмет Давутоглу на дисциплински одбор за разрешување.

Одлуката за разрешување на Давутоглу заедно со други три членови беше донесена вчера по состанокот на централниот извршен комитет на Партијата за правда и развој (АКП) на чие чело е Ердоган. Во изминатите неколку месеци, Давутоглу ја обвинуваше партијата дека се оддалечила од нејзините главни принципи, укажувајќи на економските резултати и на самиот Ердоган. Меѓу другото, тој ја критикуваше партијата што инсистирала на прегласување на локалните избори во Истанбул откако АКП загуби од опозицијата и понеодамнешното разрешување на три новоизбрани градоначалници на истокот од државата поради тврдења за „тероризам“.

За време на кампањата во Истанбул, Ердоган ја обвинуваше опозицијата дека имала „терористички врски“, а опозицијата се фокусираше на секојдневни проблеми како што е економијата.

Потегот на партијата да го разреши поранешниот премиер беше донесена затоа што поранешните сојузници се скараа со Ердоган, поточно поранешниот претседател Абдула Ѓул и поранешниот вице-премиер Али Бабаџан кои беа основачи на АКП.

Бабаџан ја напушти партијата во јули повикувајќи се на „огромни разлики“ во политиката и порача дека на Турција ѝ е потребна „нова визија“. Се очекува тој да формира нова политичка партија заедно со Ѓул и Давутоглу.

Подготвила: Билјана Здравковска