Партиски игри во време на епидемија

287

Политичките препирки меѓу власта и опозицијата во сите балкански земји продолжуваат со несмален интензитет и во време на епидемија. Поради тоа, институциите што се задолжени за спречување на натамошното ширење на вирусот не можат да се посветат со целосниот капацитет и знаење, бидејќи се губи време во убедување дали некоја мерка треба или не треба да се примени

Денеска истекува крајниот рок за да се свика вонредна седница на косовскиот парламент, на која би се гласало за недоверба на косовскиот премиер Албин Курти по барање од Демократскиот сојуз на Косово. Гласањето за смена на Курти треба да се случи во наредните денови, но проблем претставува каде би се одржала седницата на косовскиот парламент, поради препораките за заштита од коронавирусот, дадени од Националниот институт за јавно здравје, а кои се однесуваат на одржување растојание од два метра меѓу луѓето. Поради тоа, има предлози седницата да се одржи на отворен простор, што дополнително би се одредил. Според косовските закони, барањето за гласање недоверба се става на дневен ред на парламентот најдоцна пет дена од приемот.

Кризата во односите меѓу главните коалициски партнери, Демократскиот сојуз на Косово и движењето Самоопределување, кои ги имаше од самиот почеток на договарањето на новиот состав на Владата, кулминира за време на корона-кризата. Лидерот на ДСК Иса Мустафа вели дека направил грешка кога ги поддржал. Двајцата политички лидери имаа спротивставени ставови за укинувањето на царините за увоз на српски производи во Косово, на што инсистираа од Вашингтон, а за тоа остро се противеше премиерот Курти. На крајот, тој беше принуден да ги симне царинските бариери за некои од производите.

Последното големо разидување во владината коалиција беше по повод првата жртва од коронавирусот во земјата, Мустафа на својата страница на Фејсбук напиша дека и тој се залагал за прогласување вонредна состојба заради поефикасно справување со заразата, но таквите барања премиерот Курти ги третирал како заговор против него. Курти го разреши министерот за внатрешни работи од редовите на ЛДК Агим Велиу, затоа што, според образложението, истапил против владините ставови со тоа што во телевизиско интервју го поддржал барањето на претседателот на државата Хашим Тачи, за прогласување вонредна состојба и изјавил дека заразата се шири од час на час.

Поддршка за смена на косовскиот премиер има и од другите опозициски партии. За разрешување на Курти се потребни и гласовите на пратениците од Српската листа. Но Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија во српската влада, во разговор за „Политика“, овој судир меѓу Мустафа, Курти и Тачи го нарече „приштинска игра за престолот“ и отворено им порача на косовските политичари да водат грижа за здравјето на граѓаните, а не за фотелјите.
Политичките препирки меѓу власта и опозицијата во сите балкански земји продолжуваат со несмален интензитет и во време на епидемија. Поради тоа, институциите што се задолжени за спречување на натамошното ширење на вирусот не можат да се посветат со целосниот капацитет и знаење, бидејќи се губи време во убедувањето дали некоја мерка треба или не треба да се примени. Македонија, исто така, ја пречека пандемијата со техничка влада, на која ѝ требаше време за подобра координација меѓу министрите од различните политички опции.

Со слични проблеми се соочува и Босна и Херцеговина, во која има длабоки етнички поделби, со што и во време на епидемија се нагласуваат и политичките разлики за државното уредување. Словенија во периодот на проширувањето на вирусот од соседна Италија, беше соочена со криза во извршната власт, што резултира со пад на малцинската коалиција на Маријан Шарец и доаѓање на власт на десничарот Јанез Јанша, кој третпат стана премиер. Соочувањето на програмите на власта и на опозицијата во Србија и во Македонија, што требаше да се случи на пролетните избори, е одложено за неопределено време. Додека во втората половина на годината на избори ќе излезат и граѓаните на Хрватска и на Црна Гора, во кои неизбежна тема ќе биде начинот на справување со епидемијата, како и здравствените и економските последици што произлегуваат од неа.