Партиска блокада за граѓанските референдуми

45

Досега во Хрватска пропаднаа повеќе иницијативи за референдумско изјаснување на граѓаните, додека успешни беа само оние што ги организираше актуелната власт

Министерот за управа во Владата на Република Хрватска, Ловро Кушчевиќ, поведе иницијатива за измена на Законот за референдуми, за која критичката јавност сметаат дека тоа е обид за спречување на сите идни референдумски иницијативи од граѓаните. Одбивноста на хрватската политичката елита кон референдумите не е карактеристика само на актуелната власт на ХДЗ и сите претходни влади на различни начини се обидуваа да ги спречат.

Жељко Стипиќ, лидерот на синдикалната организација „Преродба“, во изјава за „Т-портал“, смета дека главниот проблем со референдумите во Хрватска е што политиката преку законската регулатива се осигурува за да не дојде до референдумско изјаснување на граѓаните. Тој потсетува на нивната иницијатива кога се обидуваа да организираат референдум против Законот за аутсорсинг, односно за заштита на правата на вработените во државниот сектор. Тогаш беа собрани 700 илјади потписи и владата на социјалдемократот Зоран Милановиќ се обиде да направи измени во Законот за референдум.

– Со законот се предвидува собирање на голем број потписи од граѓаните и тоа се граничи со нехуманост. Сега треба да се соберат помалку од 400.000 потписи но и тоа е премногу. Практично секој ден треба да се собираат од 30 до 35 илјади потписи. Настојувањето на тогашната влада беше собирањето на потписите да се пренасочи кон одделенијата на државната управа. Тоа беше начин да се убие референдумот. Таа можност законски би постоела, но во реалноста никогаш не би била спроведена – заклучува Стипиќ.

Тогашната опозициска партија ХДЗ ја поддржуваше иницијативата за референдум, но сега и таа е изложена на критики од јавноста дека ги препишала законските решенија предложени од СДП, додава Жељко Стипиќ.

Уставниот експерт и пратеник од партијата Мост Роберт Подолњак, во емисија на телевизијата Н1, говореше за тоа дека понудените предлози од хрватската влада за Законот за финансирање на политичките активности, за изборната кампања и за референдумот, им одговараат на големите партии. Тој предлага во краток период да се измени уставниот закон за референдум и да се воведе рок, по собраните пет или 10 илјади потписи од граѓаните, по кој би можело да се бара оцена на уставноста на предложеното референдумско прашање. По ова би можело да се почне со собирање на потребниот број потписи за распишување референдум за одредено прашање.

– Мислам дека тоа би можело лесно да се уреди. И сега Собранието на Хрватска може да се обрати до Уставниот суд со прашањето дали се воспоставени уставните претпоставки за распишување на референдумот, односно да се побара мислење во врска со уставноста на самото прашање – вели Подолњак.

Досега во Хрватска пропаднаа повеќе иницијативи за референдумско изјаснување на граѓаните, а слична судбина ќе имаат и последните иницијативи за референдумот за Истанбулската конвенција и за промена на изборниот закон. Дополнителната проверка покажала дека на овие иницијативи се „потпишале“ и починати лица, а некои од потписите биле копирани од списоците за референдумот за брак. Референдумите се болна точка на секоја власт во Хрватска, освен првото народно изјаснување во 1991 година кога се гласаше за хрватската самостојност. На овој референдум одзивот на граѓаните беше во највисок процент. Вториот референдум за пристапување на Хрватска во Европската Унија од 2012 година беше со одзив помал од 43,51 отсто, а 66,27 отсто од гласачите гласале „за“.

Во 2013 година хрватските граѓани се изјаснуваа за уставната дефиниција за бракот, како заедница меѓу мажот и жената. Тоа беше првиот референдум распишан со собирање потписи од граѓаните. За овој референдум беа собрани 750 илјади потписи, но на крајот на гласањето излегоа 37,9 отсто од вкупниот број гласачи.

Другите обиди за одржување референдум во Хрватска беа неуспешни, а меѓу нив се иницијативите поднесени од здруженијата на бранители, за зачленувањето на земјата во НАТО, референдум за неприфаќање на арбитражата за поморската граница меѓу Хрватска и Словенија. Исто така, имаше неколку иницијативи за прашања од економијата, како и за референдумот за употребата на кирилицата, што беше иницирана по повод воведување на двојазичноста во општината Вуковар.