Парламентот ќе ја контролира изборната кампања!

34

СРБИЈА

Последната ваква контрола е спроведена на изборите во 2000 година, на кои по првиот круг на претседателските избори поминаа Слободан Милошевиќ и Војислав Коштуница

По две децении, Собранието на Србија, пред парламентарните избори следната година, првпат ќе формира надзорен одбор за следење на постапките на кандидатите и на медиумите во текот на изборната кампања. Според Законот за избори на народните пратеници, надлежностите на овој одбор се: следење на предизборните активности и неправилности, контрола на медиумите, која се однесува на обезбедување рамноправни услови за претставување на кандидатите и носителите на листите, предлагање мерки за почитување на еднаквоста на учесниците на изборите, заштита на моралниот интегритет на кандидатите и предупредување на евентуалните постапки што ја загрозуваат изборната кампања. Членовите на одборот поднесуваат иницијативи за поведување постапка пред државните органи за учесниците што повикуваат на насилство и шират национална, верска, расна или полова дискриминација, пишува „Вечерње новости“.
– Добро е што ќе се формира надзорен одбор по две децении, но тој нема преголема моќ, затоа што не може да казнува – изјави Владимир Орлиќ, член на претседателството на владејачката Српска напредна партија.

Извршниот директор на СеСИД, Бојан Клачар, смета дека постои законска основа за формирање одбор што ќе ги следи медиумите.
Последната ваква контрола е спроведена на изборите во 2000 година, на кои по првиот круг на претседателските избори поминаа Слободан Милошевиќ и Војислав Коштуница. Тогаш членовите на собранискиот надзорен одбор констатираа дека изборите поминале мирно и достоинствено, со целосна примена на изборните закони и важечките меѓународни стандарди.

Меѓутоа, потоа се случија петтооктомвриските настани, а Коштуница стана претседател на Србија. Истиот надзорен одбор ги контролираше и следните парламентарни извори во декември 2000 година и оцени дека тие биле нерегуларни „поради флагрантното кршење на законот“, а сите медиуми воделе кампања за ДОС, кој победи на изборите!
Претседателот на Народната партија, Вук Јеремиќ, вчера изјави дека повеќе нема време и цел да се продолжат преговорите со власта за организирање избори напролет следната година.

– Со драстични медиумски злоупотреби и со функционерска кампања со незабележан интензитет во текот на политичкиот дијалог, Вучиќ јасно ги искажа своите намери. Веројатноста нешто суштински да се смени во септември не е поголема од тоа Земјата да ја погоди астероид – изјави Јеремиќ за весникот „Данас“.
Претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, изјави дека власта не исполнила ниедно барање на опозицијата за фер и регуларни избори и очекува сите партии што се во опозицијата да се изјаснат за бојкотот на изборите.
– Причините за неучество на изборите се едноставни, затоа што без слобода на медиумите нема слободни избори – нагласи Обрадовиќ.