Парламентите се подготвуваат за онлајн гласање

58

Во земјите на Балканот сѐ погласни се предлозите пратениците да можат да одржуваат онлајн седници, за да може законодавните домови да работат со целосен „капацитет“ во услови на влошена економска и здравствена состојба, а тоа прва го направи Црна Гора

Парламентите во земјите од Западен Балкан по појавата на епидемијата се приспособуваат на новонастанатата состојба и своите собраниски сесии ги остваруваат со почитување на протоколите за заштита од коронавирусот. За пратениците се задолжителни носењето заштитна маска и одржувањето дистанца додека ги извршуваат пратеничките обврски во законодавниот дом. Поради влошување на здравствената слика и зголемениот број на заразени лица од ковид-19, некои од балканските пратеници се принудени да отсуствуваат од работа во парламентите и се наоѓаат во карантин или изолација, што го доведува во прашање и редовното одржување кворум.
Во земјите на Балканот сѐ погласни се предлозите пратениците да можат да одржуваат онлајн седници, за да може законодавните домови да работат со целосен „капацитет“ во услови на влошена економска и здравствена состојба. Црна Гора е првата земја што направи исчекор и донесе измени на постојниот собраниски деловник, кој не дозволуваше пратениците да можат да гласаат и учествуваат во работата на Собранието и неговите работни тела. По изборите, Црна Гора се најде во незавидна состојба (таа се соочува со огромен скок на заболени лица од коронавирус) и неможност да избере нова влада, затоа што неколкумина пратеници се во изолација. Онлајн гласањето на пратениците првпат ќе биде овозможено на седницата што е закажана за втори декември, на која мандатарот Здравко Кривокапиќ ќе ги образложи програмата на новата влада и персоналниот состав на министрите.

За измените гласаа сите пратеници од сите парламентарни партии. Според нив, пратеникот е должен најдоцна до почетокот на седницата да го информира претседателот на Собранието, во пишана или електронска форма, за постоење на причини за учество на работата на седницата од далечина. Можноста за одржување онлајн седници се ограничува до 31 декември годинава.
– Во Деловникот за работа на парламентот на Србија не постои можност за одржување онлајн седници – вели Ивица Дачиќ, претседател на Народното собрание на Србија.
Но тој нагласува дека парламентот мора да функционира и во текот на епидемијата.
Муамер Зукорлиќ, потпретседателот на српското собрание, најави дека на координацијата со пратеничките групи ќе предложи измени на Деловникот, со што ќе се отстрани пречката за одржување седници на далечина.
– Порано предлагав целосна дигитализација на работата на Собранието, а сега е неопходно да го направиме тоа, со можност за вклучување на пратениците од дистанца – вели Зукорлиќ за „Данас“.
Засега седниците на парламентот нема да се одржуваат на далечина, но од собраниските служби напоменуваат дека се преземаат и се почитуваат сите превентивни мерки, како што е носењето заштитни маски, а за вработените во Собранието се поставени заштитни пластифицирани прегради, додека собранискиот ресторан е затворен.

– Пратениците се доволно одговорни во случај на некои симптоми сами да се проверат на тестирање. Некои од вработените што имаа симптоми беа пратени дома, а работата на Собранието е сведена само на неопходното ниво, односно со најмал број службени лица – вели Вељко Одаловиќ, генералниот секретар на Собранието на Србија.
Во Македонија меѓу власта и опозицијата се изнесуваат спротивставени ставови за предлогот пратениците што се болни од ковид-19 или се во самоизолација да можат да работата од далечина. Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по скратена постапка, е ставен на дневен ред на седницата што првиот човек на законодавниот дом Талат Џафери ја закажа за четврток, 26 ноември.
Реакциите од опозициските пратеници се дека тој ја ставил точката на дневен ред без договор со нив. Опозицијата смета дека тоа е спротивно на Уставот и дека владејачките партии со овозможувањето онлајн работа сакаат да го покријат и онака тесното мнозинство во парламентот. Тие најавија дека нема да присуствуваат на координативните седници со Џафери и дека нема да помагаат при обезбедувањето кворум за работа на одредени седници.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, изјави дека се надева оти сите пратеници ќе го поддржат предлогот на претседателот Талат Џафери и нашиот парламент ќе функционира како сите во светот во услови на пандемија.
– Функционално, а не блокирано Собрание, во секоја смисла, е интерес на сите граѓани – нагласи Митрески.

На почетокот од пандемијата во март годинава, хрватската влада излезе со предлог до опозицијата за проширување на овластувањата на Владата за донесување уредби со законска сила. Но тоа не беше прифатено, со образложение дека не може да се намали улогата на Собранието за време на пандемија. Правните експерти тогаш цитираа одредби од Уставот на Хрватска во случај на спреченост на пратениците да ја извршуваат својата функција поради болест, во случај Собранието да биде нефункционално, одговорноста за донесување одлуки треба да ја преземе претседателот на државата, по предлог на премиерот.
Покрај вообичаените препораки во хрватското собрание, за време на епидемијата е ограничен и бројот на пратениците што присуствуваат на седниците или на работните тела. Вчера поради поголем број пратеници од партијата Мост, претседателот на Собранието побара од обезбедувањето да ги отстрани „вишокот“пратеници за време на расправата за амандмани по одредени закони.