Панорама

49

Приштина – Лидерот на Самоопределување, Албин Курти, го извести косовскиот претседател Хашим Тачи дека е во завршна фаза постигнувањето договор со Демократскиот сојуз на Косово и дека ќе го извести официјално за идната влада во блиска иднина, „штом ќе бидат подготвени“. Курти одговори на писмото на Тачи од 10 јануари, во кое побара лидерот на движењето Самоопределување да го именува кандидатот за нова влада „за да избегне одложување“ во нејзиното формирање и забележа дека таквата порака содржи заканувачко предупредување и го попречува процесот на градење на институциите. (Алсат-М)

Тирана – Во последните години, Европската Унија финансирала 15 милиони евра во поддршка на албанската полиција, а помошта ќе продолжи, изјави амбасадорот на делегацијата на ЕУ во канцеларијата во Албанија, Луиџи Сореца, кој присуствуваше на 107-годишнината од формирањето на албанската полиција и давањето во употреба на новите простории на специјалната единица „Ренеа“. („Нетпрес“)

Солун – Со помош на специјални нуркачи, во Солун продолжи втората фаза за чистење на морето во делот околу шеталиштето и беа извлечени 21 електричен тротинет што ги фрлиле несовесни граѓани. На дното на морето биле пронајдени и два мотори, велосипеди и куфери.
Ова е вториот дел од акцијата на општината Солун за чистењето на морето, а во првата фаза од копно беа извлечени околу 50 електрични тротинети. (МИА)


Бисер балкански

Фасадна демократија

– Изјавата на Вучиќ дека со намалување на цензусот се сака да се врати политичкиот живот во Собранието е лицемерна и лажна. Доколку навистина го сака тоа, тој треба да овозможи слободно дејствување на институциите, да го почитува законот и би ги прифатил препораките на стручната јавност во врска со враќање на нормалноста во Србија и одржување фер и чесни избори. Најавата за намалување на цензусот е продолжување на идејата на Вучиќ за одржување фасадна демократија и во основа се прикрива еднопартискиот систем. Со влегување на партиите или на квазипартиите што постојат благодарение на режимот, би се создал привид на парламентарен живот, за плурализам, демократија и слободни избори, додека во реалноста е сосема спротивното – медиумски мрак, притисок на граѓаните, нерегуларни изборни услови и девалвирање на институциите – Никола Јовановиќ, потпретседател на Народна партија, за предлогот за намалување на изборниот праг од пет на три отсто.