Панорама

41

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама доби уште еден судски процес, во кој се јавува како тужител поради клевета. Овој пат поранешниот албански претседател, поранешен премиер и почесен лидер на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, според одлуката на судот, треба на Рама да му плати околу 4.100 евра. Бериша на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека мафијашките фамилии Рама, Џафа, Бала и Тахири се под меѓународна истрага. („Република“)

Приштина – Косовската полиција го уапси кандидатот за пратеник од редовите на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) Хаџи Хоти, кој завчера му упати смртни закани на лидерот на движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово. Хоти, преку објава на Фејсбук, му порача на Курти дека „има две можности: или да го напушти Косово или да биде убиен“. (МИА)

Атина – Грција потпиша договор со американскиот производител на воена опрема „Локид Мартин“, што ќе ѝ овозможи на земјата да ја модернизира својата флота на борбени авиони „Ф-16“ во текот на следните седум години. Министерот за одбрана, Никос Панајотопулос, изјави дека 84 авиони „Ф-16“ ќе се модернизираат до 2027 година, чија вредност се проценува на 1,7 милијарда долари. („Макфакс“)

Белград – Партиски спот на партијата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, предизвика многу реакции кај нашиот сосед. Во спотот Вучиќ им носи чај на група млади, кои гледаат натпревар на телевизија и зборуваат за чуда, кои се идентификуваат со економските успеси на актуелната влада на Србија. („Либертас“)


Бисер балкански

Верски отказ
– Никого не мрзам, но тој ден во Никшиќ не можев да подигнам пендрек и да ги удрам својот брат, сосед, другар и пријател. Сите оние што беа наспроти мене и моите колеги, а се поради несреќниот закон, кој удира на нашата вера и светост. Како поинаку да се реагира ако како христијанин ја следам верата прадедовска и традиционално црногорското воспитување што ми го всадија моите предци. Ова е тешко време, но се надевам во господ дека луѓето ќе се вразумат и ќе ги почитуваат светите канони, да ја чуваат нашата Српска православна црква, која ја роди Црна Гора и во сите предизвици беше нејзин цврст бедем и одбрана. Во минатото имало и потешки ситуации, па ги пребродивме. Ова нема никаква врска со политиката, единствено е во прашање одбраната на верата. За неа сум подготвен да го дадам животот – Милоје Шчепановиќ, полицаец од Никшиќ, кој минатиот петок даде отказ по соочувањето на полицијата и граѓаните, кои се против новиот закон за слобода на вероисповед во Црна Гора.