Панорама

68

Белград – Активисти на опозициските политички партии здружени во Сојузот за Србија вчера го блокираа влезот на зградата на Радио-телевизија Србија. Еден од лидерите на СЗС, Вук Јеремиќ, во најавата за осумчасовниот протест пред националната телевизија рече дека тоа се прави затоа што таа осум години ја блокира вистината. (РСЕ)

Подгорица – Од 2012 година, 23 полнолетни лица од Црна Гора заминале во воените региони во Сирија и Ирак, изјави Драган Пејановиќ, националниот координатор за борба против насилен екстремизам. Министерот за внатрешни работи Мевлудин Нухоџиќ порача дека ентонационализмот го зголемува агресивниот потенцијал, со што се влијае на создавање плодно тло за екстремизмот во земјата. (РТЦГ)

Приштина – Обединетиот синдикат на образованието, науката и културата на Косово и Федерацијата на синдикатите на здравството на Косово вчера одржаа штрајк во знак на револт поради одложување на примената на новиот закон за плати од страна на косовскиот уставен суд. По барање на народниот правобранител, Уставниот суд ја одложи примената на новиот закон за плати, со кој се предвидуваше зголемување на платите на вработените во јавниот сектор. („Коха“)

Атина – Во рамките на грчкото претседателство со Организацијата за црноморска економска соработка, вчера во Атина започна 41-от состанок на Советот на министрите за надворешни работи на земјите-членки. Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција, за време на состанокот се очекува да се разгледаат можностите за дополнителна соработка меѓу земјите-членки во областите како што се енергетиката, транспортот и туризмот. (МИА)


Бисер балкански

„Двојникот“ на Бандиќ


– Нема да работам ништо, затоа што претседателот не работи ништо. Сите што имаат со мене направено самослик ќе ги вработам за советници. Моите први чекори по изборот за претседател на државата ќе бидат да му ги преземам возачот, секретарката и автомобилот на градоначалникот Бандиќ. Сакам да бидам Милан Бандиќ, затоа што тој е решение. Тој не е проблем, а јас одлучив да ги решам сите проблеми во Република Хрватска – Дарио Јуричан, кандидат за избор на претседател на Хрватска, во предизборното претставување пред гласачите.
Јуричан потсетува дека добил пресуда со која може да се вика Милан Бандиќ (како градоначалникот на Загреб), но институциите го игнорираат тоа и го спречиле на претседателските избори да учествува со тоа име.