Панорама

33

Белград – Граѓаните на Србија во 2019 година на интернет-пребарувачот Гугл најмногу ги барале поимите со актуелните серии, реални програми, како и со спортски настани. Според листата што ја објави Гугл, најбарани поими биле „Задруга“, па потоа следуваат „Падот на Берлинскиот ѕид“ и фудбалскиот натпревар Србија – Португалија. (Б92)

Подгорица – Црна Гора го задржа 52-то место како земја со висок индекс на развој по мера на човекот, покажува извештајот на Обединетите нации. Овој индекс е збирна мерка за долгорочните национални достигнувања во три димензии: за напредокот на човештвото: долг и здрав живот, пристап до образование и постојан животен стандард. Во ЦГ бруто-домашниот производ по жител е за 30 отсто помал за жените отколку за мажите. (РТЦГ)

Сараево – Босна и Херцеговина во моментов не ги исполнува политичките критериуми од Копенхаген во доволна мера и затоа треба да вложи повеќе напори во јакнење на своите институции, смета Советот на ЕУ. Што се однесува на економските критериуми, БиХ постигнала одреден степен на макроекономска стабилност, но воспоставувањето функционална пазарна економија и постигнувањето конкурентност на заедничкиот пазар сè уште се во рана фаза. („Аваз“)

Тирана – Несоодветните и нестандардни градби беа кобни за големиот број жртви во катастрофалниот земјотрес во Албанија, е процената на групата од 42 експерти од Македонија, која во изминатиот период престојувала во Албанија. Меѓутоа, дополнителен проблем што го утврдила оваа екипа е спецификата на семејните куќи, па и колективните згради, кои немаат покрив, туку само рамна плоча, а врз плочата речиси сите имаат големи резервоари со вода со 3-4 тони вода. („Мета“)


Бисер балкански

Богата куќа
– Мојата куќа е богата за еден гостин Адил од Пакистан. Јас отидов на станицата по него. Тој е на иста возраст како мојот внук Исмар. Не постои закон што ќе ме спречи да го заштитам детето од оваа зима. Не се фалам, да не ме разбере некој погрешно. Со делата не се фалам, сакам да ви кажам сите да земеме по еден дома и ќе нема никој на улица. Не споменувајте никаква државна влада, сегашна власт или онаа претходната. Јас сум себеси власт! Адил е прекрасно момче, срамежлив, културен, не е насилен, не е таков како што многумина ги претставуваат – Адира Хусиќ, жителка на Сараево, која им помага на мигрантите што се во Босна и Херцеговина.