Панорама

62

Сараево – Во текот на вчерашниот ден безбедносните служби на Босна и Херцеговина ја почнаа акцијата за иселување на мигрантите од кампот Вучјак, кај Бихаќ, во нов прифатен центар во Сараево. Во изминатиот период меѓународните хуманитарни организации предупредуваа на нечовечките услови за сместување во кампот и бараа негово итно затворање. („24 часа“)

Тирана – Албанија вчера ја погодија три земјотреси во периодот од 10 до 12 часот, предизвикувајќи паника кај населението. Двата земјотреса биле со јачина од 3,5 степени според Рихтер, додека третиот бил послаб. Епицентрите на земјотресите биле недалеку од Тирана, а биле почувствувани и во Драч. („Макфакс“)

Загреб – Во затворите во Хрватска моментално се наоѓаат 127 државјани на Србија, од нив 83 се со статус на истражен затвореник и 44 се затвореници. Според сведочењата на затворениците, условите во најстрогиот хрватски затвор во Лепоглава се многу подобри од условите во затворот Забела кај Пожаревац, Србија. („24 часа.хр“)

Атина – До 2050 година се очекува населението во Грција да опадне на осум милиони жители. Негативната демографска тенденција во оваа земја започна во 2011 година, кога првпат од 1944 година е забележана негативна стапка на природен прираст. Во Грција живеат 10 милиони жители. („Катимерини“)


Бисер балкански

Црна овца

– Повеќе не продаваме само куршуми и чаури, туку стануваме сериозен играч затоа што на светскиот пазар, сега, пласираме модерни и сложени системи на вооружување. Така, српската воена индустрија станува трн во око за конкуренцијата, не само во регионот туку и во светот. Оттука и причините за сѐ позачестената и пожестока кампања на измислени афери и обвинувања, се со единствена цел нашата воена индустрија да се истисне од пазарот, да се прогласи за црна овца, за да можат други компании од регионот да го заземат местото на Србија – Мирослав Лазански, поранешен воено-политички коментатор, за кампањата што подолго време се води во Србија во врска со трговијата со воена опрема.