Панорама

64

Приштина – Војниците на германската армија остануваат во Косово, изјави германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каранбауер за време на посетата на Косово.
– Заминувањето од Косово на германската армија, како последица ќе има зголемување на руското и кинеското влијание во регионот – рече германската министерка при посетата на кампот на КФОР во Приштина. („Зери“)

Сараево – Босна и Херцеговина извезе оружје во вредност од околу 161 милион конвертибилни марки во првите десет месеци од оваа година, додека увозот на оружје беше околу 13 пати помал и изнесуваше околу 12 милиони конвертибилни марки.
Најголем дел од оружјето беше извезено во Саудиска Арабија, што претставува повеќе од 32 отсто од вкупниот извоз. („Аваз“)

Драч – Градоначалничката на Драч Валбона Сако поднесе оставка по нејзините коментари, кои предизвикаа бран критики од луѓето погодени од силниот земјотрес. Сако вчера рече дека е „задоволна“ што само 50 луѓе загинале во земјотресот, бидејќи, како што рече, можело да биде многу потрагично. (Нетпрес)

Загреб – Хрватска во седиштето на НАТО го достави акцискиот план до 2024 година, со кој се предвидува издвојување за одбраната од два отсто од БДП и околу 20 отсто од воениот буџет за опремување и модернизација на хрватската армија. („Јутарњи лист“)


Бисер балкански

Музички родољуби
– Еве, само што побегнав од Страдун. Се запали првата адвентска свеќа и, во духот на дубровничката традиција, почнаа на бината да пеат „Фрајле“ од Нови Сад. Сепак, тоа беше премногу за моите уши и заминав веднаш дома. Со полно право очекувам втората адвентска свеќа да се запали со познатата „пејачка“Цеца Ражнатовиќ. Инаку, вечерва настапува и познатиот родољуб во Равелин – Бајага – реакција од дубровничката клапа „Рагуса“, објавена на социјалните мрежи, со која се изразува разочараност од тоа што на годинашната прослава, односно „Дубровник винтер фестивал“, е отворен со концерт на српската женска група „Фрајле“.