Панорама

52

Атина – Грчкиот заменик-министер за миграциска политика Јоргос Кумуцакос предупреди дека на Европа ѝ се заканува нова мигрантска криза. Кумуцакос на конференција за иднината на миграциската политика на ЕУ во Виена рече дека има драматично зголемување на бројот на мигрантите. Земјите што се наоѓаат во надворешните граници на ЕУ, критикуваше Кумуцакос, се оставени сами на себе, и без помош и солидарност на другите земји, миграцијата не може да се контролира. („Политика“)

Сараево – Во Босна и Херцеговина, особено во Сараево, Тузла, Зеница и Бања Лука, годишно 5.000 луѓе умираат поради загадување на воздухот. Одделот за животна средина на ОН заклучи дека жителите на Западен Балкан во просек губат 1,3 година од својот живот поради загадување, затоа што честичките од прав и чад се поврзани со кардиоваскуларни заболувања, што е петпати почесто од просекот. (РСЕ)

Загреб – На конгресот на Европските народни партии, кој се одржа во Загреб, германската канцеларка Ангела Меркел вети дека ќе се постигне консензус со Франција, за да може што поскоро да започнат преговорите со Скопје и со Тирана. Меркел додаде дека реформата на методологијата за проширување на ЕУ не треба да го одвлече вниманието на ЕУ од ветувањата што ги даде. („Вечерњи лист“)

Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета реагираше на социјалните мрежи, обвинувајќи дека неименувана странска амбасада му се заканила на неговиот портпарол Теди Блуши. Според Мета, заканата дошла 30 минути по една објава на Блуши, од кого е побарано да го отстрани статусот. (Нетпрес)


Бисер балкански

Тито или Сталин?
– Ја слушаме премиерката Ана Брнабиќ како вели состојбата е сериозна. Што е сериозно? Ни се заканува војна или бомбардирање? Која тајна некој наш офицер би можел да ѝ ја открие на руската разузнавачка служба? Има ли некоја тајна за која не знаат Русите и Американците, нема. За што служат тревогата и итните состаноци на највисоките државни органи за безбедност. Ако тргне хајка против Русија, тоа ме потсетува на 1948 година. Ќе се отвора ли нов Голи Оток? Меѓу Тито и Сталин ја секогаш ќе се определам за Сталин – Воислав Шешељ, претседател на Српската радикална партија и пратеник во српското собрание, кој ја критикуваше неадекватната реакција на шпионската афера, во која наводно е вмешана руска разузнавачка служба.