Панорама

32

Подгорица – Црногорската управа за инспекциски работи за осум месеци од годинава достави 80 известувања за родителите што не овозможиле вакцинација на децата од претшколска возраст, а врз основа на ова се поднесени 73 барања за поведување прекршочна постапка, од нив 71 се однесува за одбивање ММР-вакцина. („Побједа“)

Белград – Србија има можност за отворање на уште две поглавја од пристапните преговори со Европската Унија, а тоа се однесува на поглавјето 4, за слободата на движење на капиталот, и на поглавјето 2, за слободно движење на работниците. (РТС)

Загреб – Хрватските власти им ги кршат човековите права на мигрантите и спроведуваат системско насилство над нив, се посочува во најновиот извештај на мрежата невладини здруженија „Бордер вајленс мониторинг нетворк“, која се занимава со правата на бегалците и мигрантите. БВМН тврди дека постои подрум на граничниот премин Бајаково, каде што хрватската полиција ги претепува мигрантите. („Индекс“)


Бисер балкански

Професори опортунисти

– Српските универзитети молчат затоа што се дел од моралот што е доминантен во Србија. Би признал дека Универзитетот во Белград беше попочесен кога почнав да работам, во далечната 1974-та. Се сеќавам на тогашната атмосфера. Потешко се добиваа звањата. Да не зборувам за плагијати. Не ги идеализирам работите, но беше подобро. Меѓутоа, општиот распад на југословенското општество го погоди и белградскиот универзитет. Тука има и многу чесни и способни научници. Но многу од нив молчат. Некои поради опортунизмот, некому така ме е подобро. Ако молчите и не замерувате, ќе станете можеби директор на универзитетската клиника. Но ако го кренете гласот, тоа никогаш нема да го постигнете. Ако сте инженер, ќе добиете проекти, студии, елаборати. Значи дополнителни хонорари. Ако се буните, нема да добиете ништо. Јас најмногу го прозивам Универзитетот во Белград како најодговорна институција за состојбите во српското општество – Душан Теодоровиќ, професор на Сообраќајниот факултет и член на САНУ, во разговор за Радио Слободна Европа.