Панорама

22

Загреб – Економскиот раст во Хрватска за годинава ќе изнесува 2,9 отсто, а потрошувачката на домаќинствата и натаму е главен мотор на растот, но тоа е проследено и со пораст на јавната потрошувачка, како и со позитивните ефекти од користењето на европските фондови, се наведува во прогнозата на Европската комисија. (ХТВ)

Белград – Српското независно новинарско здружение НУНС го осуди најновиот обид за заплашување на редакцијата на телевизијата Н1 и ги повика надлежните полициски органи и обвинителството да истражат и конечно да утврдат кој и по чија наредба честопати пропагира омраза против медиумите. („Данас“)

Сараево – Во зградата на Парламентот на Босна и Херцеговина вчера по пошта стигнал плик во кој имало куршум, кој, според првите информации, стигнал од главниот град на Србија. Како адреса на примач е наведен парламентот на БиХ, но не е познато во чии раце треба да стигне пликот. (Клукс.ба)

Белград – Во буџетот за 2020 година во ставката за Министерството за земјоделство се определени 51,99 милијарда динари, со кои ќе се овозможи поголемо субвенционирање на земјоделското производство за 900 милиони динари, изјави државниот секретар во ресорното министерство Жељко Радошевиќ. (Танјуг)


Бисер балкански

Новинарка под прашалник?
– Мислам дека сега дојде време да го менувам форматот на емисијата и да работам нешто сосема ново. Во ова општество, во кое немате дијалог во парламентот, ниту во која било институција, нереално е да се очекува здрава дебата на телевизија. Во оваа состојба не знам колку има смисла мојата емисија. Тоа е една од причините поради кои размислувам за промени – Оливера Јовиќевиќ, долгогодишна водителка на емисијата „Прашалник“ на РТС, која последниот месец се најде на критика на опозициските лидери, за начинот на кој ја води политичката дебатна емисија.
Пред последната емисија во вторникот, група граѓани го блокираа влезот на националната телевизија во Србија, со намера да му постават неколку незгодни прашања на српскиот претседател Александар Вучиќ, кои водителката одбива да им ги постави на претставниците од власта.