Панорама

55

Загреб – Незаконските финансиски одливи од Хрватска преку криминал, корупција и затајување данок, изнесуваат повеќе од 35,6 милијарди долари во периодот од 2005 до 2014 година (73 отсто од БДП за 2015 година). Тоа ја става земјата на врвот на листата на најкорумпирани држави од Источна Европа, покажало истражувањето од Глобал фајненшел интегрити и на други меѓународни финансиски организации. („Пословни дневник“)

Сараево – Дури 70 отсто од приходите на политичките партии доаѓаат од буџетите на различните нивоа на власта, што значи дека граѓаните на Босна и Херцеговина директно ги финансираат политичките субјекти, а партиите што располагаат со најмногу пари се оние што остваруваат и најмногу гласови и мандати на изборите, потврди анализата на Коалицијата за слободна и чесни избори „Под лупа“. („Ал џезира“)

Софија – Точно 744 претпријатија се ’рбет на бугарската економија. Овие големи компании вработуваат повеќе од 25 отсто од луѓето во земјата, а 375.000 компании, имаат најмногу девет вработени. Повеќе од 35 отсто од најмалите компании или 134.000 компании работат во секторот трговија и поправка на автомобили. („Труд“)

Подгорица – Владата на Црна Гора го задолжи Министерството за економија да ги почне преговорите за спогодбен прекин на договорите за изградба на мали хидроцентрали во неколку града, затоа што во одделни случаи овој концепт на развој ќе ја промашеше својата цел, а тоа е унапредување на квалитетот на животот и развојот на локалните заедници. (РТЦГ)


Бисер балкански

(Љ)уби го Србинот

– Сѐ додека јас сум ви проблем… Додека ви одам на нерви. Сѐ додека ме сметате за луд поради преправање графит. Дотогаш нашето општество ќе има проблем. Бидејќи не ве нервираат нашите сограѓани што анонимно пишуваат графити!? За нив ништо? Не ви предизвикуваат реакции? Тие не ве нервираат. Да, повторно го преправив графитот. Мислите ли дека сум будала што се изложувам на опасност. Баш ми е драго што така мислите. На тие што пишуваат графити со омраза не им се проблем Србите, ни усташите, ни партизаните, туку самите за себе се проблем – Јуре Зубчиќ, граѓанин и советник во Задар, кој јавно на Твитер призна дека графитот „Уби го Србинот“, кој беше напишан во неговиот град, повторно го преправил во „Љуби го Србинот“.