Панорама

44

Атина – Американскиот државен секретар Мајк Помпео ќе разговара во Солун со шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас, пред сѐ, за тензиите во источниот дел на Средоземно Море. Секогаш тензичните односи меѓу Грција и Турција, двете членки на НАТО, се дополнително влошени годинава поради долготрајниот спор за морската граница и правата на наоѓалиштата на нафта и гас во источниот дел на Средоземно Море.
Помпео пред доаѓањето во Грција разговараше со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за, како што напиша на Твитер, „деескалацијата на ситуацијата во источниот Медитеран“ и повторно „укажа на значењето на единството на НАТО“. (МИА)

Софија – Четири од 1.000 паралелки во Бугарија се ставени во карантин од почетокот на учебната година, при што се заразени 0,01 проценти ученици и 0,09 проценти наставници, не сметајќи ги 16-те наставници во Габрово, кои се првиот кластер во училиштата, изјави во Варна бугарскиот министер за образование и наука Красимир Валчев. Министерството за здравство на Бугарија соопшти дека ќе има праг на заразени, во согласност со кој ќе се дава препорака за преминување кон дигитално следење на наставата, но тој ќе биде значително повисок од сегашниот. („БГНЕС“)

Приштина – Првиот притвореник на Специјалниот суд во Хаг, Сали Мустафа, вчера требаше да се појави пред Хашкиот трибунал под обвинение дека сторил воено злосторство, Ова ќе биде прво рочиште од ваков вид, три години откако Специјализираниот суд е целосно правно функционален. Адвокатот акредитиран во Специјалниот суд, Тауjант Ходај, нагласува дека може да се донесе одлука за налог за притвор за Мустафа. Потоа, тој и одбраната ќе имаат рок од 30 дена да го оспорат обвинението. Покрај Мустафа, в понеделник како осомничен ќе биде сослушан и поранешниот командант на Генералштабот на ОВК, Агим Чеку. („Коха“)