Панорама

82

Атина – Договорот ЕУ – Турција не се однесува само на средствата што Анкара ги добива од Европа туку и на почитување на обврските, е заклучено на грчко-германскиот форум во Берлин меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и германската канцеларка Ангела Меркел. Мицотакис детално ја информирал Меркел за „улогата“ на Турција во „организираниот, масовен обид за нелегален влез на европска територија на луѓе од турска страна што е во тек од 28 февруари“. („24 часа“)

Љубљана – Во селото Пречна кај Ново Место во Словенија се пронајдени остатоци од метеор, кој пред 10 дена експлодирал над Хрватска и Словенија. Делови од метеорот се пронајдени од Грегор Кос и од неговиот син во дворот на нивната куќа. Метеорот експлодирал 34,5 километри над земјата, а во атмосферата влегол во брзина од 21 километар во секунда. (МИА)

Приштина – Приштина мора да го исполни својот дел од обврските и да ги укине таксите за производи од Србија, порача американскиот сенатор, републиканецот Дејвид Пердју.
Тој исто така истакнал дека ако Косово не е посветено на мирот, САД би требало да го преиспитаат своето присуство таму. (Алсат)


Бисер балкански

Село гори…
– Штотуку одржав средба со пратениците на канцеларката Меркел и претседателот Макрон. Разговаравме за последниот развој на настаните во Косово и во Западен Балкан, за актуелностите, но и за перспективите. Од друга страна, сакам да кажам дека и денеска не се слушна ништо за визната либерализација и да не ја отворев јас темата, воопшто немаше да стане збор за тоа. Ова е големо разочарување со оглед дека веќе неколку години ЕУ изразува подготвеност да го стори тоа – изјави косовскиот претседател Хашим Тачи, по средбата со специјалните претставници на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.
Тој изрази разочарување од односот на Европската Унија кон Косово и порача дека додека не се укинат визите за косовските граѓани, нема да седне да преговара со Србија.