Панорама

72

Атина – Жителите на грчките острови најтешко погодени од бегалската криза во земјата протестираа во центарот на Атина против плановите на владата за изградба на кампови. Лезбос, Самос и три други острови во источниот дел на Егејот се борат да се справат со пренатрупаните бегалски кампови и мигранти по нивното пристигнување од блиската Турција. Грчката влада во почетокот на оваа недела објави иницијатива за изградба на притворски објекти на пет острови. (МИА)

Тирана – Во Албанија лани е забележан најнизок прираст на населението во последните 100 години. Во Албанија минатата година се родиле 28.561 бебе, а биле регистрирани 21.937 смртни случаи. Ова потврдува дека природниот прираст на популацијата, пресметан како разлика помеѓу раѓањата и смртните случаи, е само 6.624 лица, стои во извештајот на ИНСТАТ.
Статистичките податоци покажуваат дека во 2014 година, природниот прираст на населението во Албанија бил над 15.000. Но овој показател постојано опаѓа.
(„Либертас“)

Белград/Приштина – Претставници на Србија и на Косово во Минхен вчера потпишаа изјава за намери за обнова на железничкиот сообраќај меѓу Белград и Приштина. Спогодбата е потпишана во присуство на специјалниот американски претставник за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, и претседателите на двете земји Александар Вучиќ и Хашим Тачи.
Потпишувањето на овој документ следува по минатомесечното потпишување на писмото за намери за обновување на авиолинијата меѓу Белград и Приштина. Таа спогодба беше потпишана со компанијата „Луфтханза“, во Берлин. Гренел, покрај тоа што е специјален американски претставник за ова прашање, е и амбасадор на САД во Германија. (РСЕ)


Бисер балкански

Скршени заби

– Неволно одговарам со логиката на сила. Но кога ќе ве доведат во состојба да морате да одговорите на нивните аргументи, тогаш сакам да кажам дека се лаже секој што мисли дека може да ја победи која било држава, вклучувајќи ја и државата Црна Гора. Најсвежи се сеќавањата од 2015-та и 2016-та. Видовте како заврши тоа и видовте дека ги скршија забите тие што мислеа да ја уриваат државата. Мора да е јасно, од нашето искуство и од универзален аспект, дека ќе се најдат помалку приврзаници за уривање, отколку оние што се за одбрана на нешто што макотрпно и праведно е стекнато и обновено. Затоа, немојте да се залетувате, најљубезно ве молам – изјави Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора, во телевизискиот настап по повод донесувањето на Законот за слобода на вероисповед. Потоа почнаа литиите во повеќето градови, во организација на Српската православна црква.