Панорама

49

Херцег Нови – Во Херцег Нови вчера е убиен Шќепан Рогановиќ, за кој полицијата знае дека е близок до мафијашкиот кавачки клан. Шќепан Рогановиќ му е брат на Душко Рогановиќ, кој беше тешко повреден во експлозија на бомба во Херцег Нови во 2017 година. Тој остана без двете нозе по експлозијата. Додека се лекувал, таткото на Шќепан и на Душко, Нико Рогановиќ, бил убиен во заседа пред неговиот стан во Херцег Нови. („Вијести“)

Тирана – Во Албанија има стотици члена на ФЕТО, иако нема официјални бројки. Побаравме нивно враќање во Турција. Албанија презеде неколку чекори и очекуваме да продолжи и понатаму. Не сакаме Албанија да биде сигурна врата за ФЕТО. Присуството на ФЕТО претставува ризик за националната сигурност на Албанија – изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција, кој беше во посета на Албанија. („Нетпрес“)

Загреб – Во Европскиот парламент пратениците претежно на зелени и леви групации, во жестока расправа за хуманитарната состојба на надворешните граници на ЕУ, ја прозваа Хрватска за нехумано постапување со мигрантите на границата на БиХ. Европратениците бараа да се спроведе истрага, што хрватските европратеници се обидоа да го негираат, тврдејќи дека нема докази за тоа. Корнелија Ернст од Европската обединета левица/Нордиска зелена левица (ГУЕ/НГЛ) рече дека хрватската полиција била насилна кон мигрантите. („Индекс“)


Бисер балкански

Верски лажни вести

– Најголемиот број медиуми не успеаја да се држат на растојание и да се обидат да бидат објективни во однос на овој спор за Законот за слобода на вероисповед. Тие известуваа според вкусот на своите читатели и гледачи за да го задржат постојниот рејтинг. Се плашам дека ова покажа колку е длабока поделбата меѓу медиумите во Црна Гора и таа поделба е следена од длабока политичка и идентитетска поделба во црногорското општество – изјави Златко Вујовиќ, политички аналитичар во Црна Гора, за кризата во односите меѓу црногорската држава и Српската православна црква.
Во последните три месеци беа публикувани околу 35.000 текста и разни објави на социјалните мрежи и во медиумите во ЦГ, кои учествуваа во пропагандната војна и во ширењето лажни вести.