Панорама / Штафета и гитара

53

Подгорица – Црногорскиот претседател, Мило Ѓукановиќ, и премиерот Душко Марковиќ го поздравија донесувањето на Законот за истополови бракови во Црна Гора. Тие оценија дека тоа е чекор напред кон друштвото на најразвиени демократии во светот. Ѓукановиќ смета дека Црна Гора како општество созрева, ги прифаќа и ги живее различностите. (Б92)

Тирана – Албанија е избрана за потпретседател на 75-та седница на Генералното собрание на ОН, функција што ќе ја врши амбасадорката на оваа земја во светската организација Бесиана Кадаре. Кадаре напиша дека е „горда да објави дека Албанија е избрана за заменик-претседател на 75-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации“. Бесиана, е ќерка на еден од најпознатите албански писатели Исмаил Кадаре.
(„Опсервер“)

Приштина – Известувачот за Косово во Европскиот парламент, Виола фон Крамон, очекува дијалогот меѓу Белград и Приштина да биде завршен наесен. Таа додаде дека очекува успешен исход на процесот до крајот на годината, кој го гледа како меѓусебно признавање. Таа на Твитер напиша дека е оптимист во врска со дијалогот меѓу двете страни, а изјави дека следниот најважен чекор во дијалогот е конференцијата во Париз, организирана од францускиот претседател Емануел Макрон. („Локално“)


Бисер балкански

Штафета и гитара

– Покрај функционерите на Комунистичката партија и на ЈНА, штафетата на Плоштадот на слободата свечено ја пречекаа пионерите, социјалистичката младина, работните луѓе и граѓаните на Осиек. По пригодниот говор, штафетата е однесена во Студентскиот центар, а на сцената чест ѝ оддаде и Мирослав Шкоро, со тамбурашката група „Славонски беќари“. Од дискоклубот се слушаше песмата „Рачунајте на нас“, а во киното се вртеше филмот за „Бошко Буха“ – се наведува во изводите од архивата на весникот „Гласот на Славонија“, кои деновиве ги пренесуваат хрватските медиуми, со кои се откриваат делови од биографијата на познатиот музичар Мирослав Шкоро, кој деновиве го предводи Домовинското движење, кое е главен ривал на ХДЗ, за освојување на гласовите од десницата.
Во кампањата за парламентарните и претседателските избори, Шкоро се претставуваше како наследник и најверен следбеник на идеологијата на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман. Шкоро редовно учествувал и на младинските акции во поранешна Југославија. За своето социјалистичко минато, сега вели дека само „свирел гитара“.