Панорама / Фалсификувани истории

254

Тирана – Националниот комитет на експерти за справување со пандемијата со ковид-19 одлучи да остане во сила одлуката за полицискиот час, кој секоја ноќ трае од 22 до 6 часот.
– Полицискиот час беше воведен на 11 ноември. Во овој двонеделен период се зголеми и бројот на хоспитализирани лица во ковид-болниците – информира министерката за здравство Огерта Манастрлиу. („Курир“)

Атина – Студениот бран што минатите денови се проширил на Грција донел многу ниски температури во некои делови на земјата, снежни врнежи на Атика и голем број ограничувања во сообраќајот. Студениот фронт што ја погодил Грција, наречен „Леандрос“, донел обилни врнежи од снег од Солун до Атика и го прекинал снабдувањето на струја во источниот дел на Солун. На Крит се очекуваат налети на силен ветер и дожд, кои ќе траат до вторник. („Макфакс“)

Приштина – Припадникот на косовската полиција Фадил Сулевиќ, кој беше сведок во Специјалниот суд, беше пронајден мртов покрај езерото Бадовц, во близината на Приштина. Поранешниот агент на ШИК, Наим Мифтари, тврди дека Сулевиќ бил професионалец, кој знаел многу работи, затоа и бил повикан од Специјалниот суд во Хаг. („Бота сот“)


Бисер балкански

Фалсификувани истории

– Јас, за жал, верувам дека процесот на поправка на сето ова на Балканот ќе биде повеќедецениски процес. Вечерва сите тие вучиќи, додици, бакири и други да поднесат оставка и да исчезнат засекогаш од нашиот живот, ќе остане еден пустош и таков голем неред што не ќе може да се среди прекуноќ и за неколку години. Триесет години трае ова уништување на еден систем на вредности, триесет години работниците се претвораа во војници, триесет години престануваме да бидеме луѓе и стануваме Срби, Бошњаци и Хрвати. Премногу погрешни потези за да се реши сѐ прекуноќ, мора да се укине тој вулгарен национален предзнак пред тоа што значи наш секојдневен живот – изјави Кокан Младеновиќ, режисер, кој во разговор за Ал џезира вели дека на Балканот се живее со „сопствените фалсификувани истории“, односно некоја „романсирана верзија на својата историја, а не на нешто што навистина се случило“.