Панорама / Сто проценти додворување

134

Приштина – Околу 5.000 фирми се затворени во Косово поради последиците од пандемија, а овој број може да порасне до крајот на годината. Косовската економија е во пад поради намалување на странските инвестиции, како и на интересирањето на локалните претпријатија за нови инвестиции.
Претседателот на Бизнис-асоцијацијата во Косово Агим Шахини вели дека домашната економија се соочува со сериозен пад, а намалени се и вложувањата од дијаспората, што е само десет отсто во однос на претходната година, при што недостигаат околу 500 милиони евра девизен прилив од иселениците. („Економија онлајн“)

Софија – Бугарскиот претседател Румен Радев стави вето врз измените на Изборниот законик, бидејќи, според него, тие даваат можност за фаворизирање на владејачката партија на претстојните избори.
– Сите измени во Изборниот законик имаат јасна цел да гарантираат официјална победа на владејачката партија на претстојните избори, нанесувајќи уште еден удар врз правната структура на нашата земја – изјави бугарскиот претседател Радев. (БГНЕС)


Бисер балкански

Сто проценти додворување

– Србите мора да бидат политички единствен народ, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, треба да биде политички застапник на сите етнички Срби во регионот. Сметам дека Вучиќ е претседател на сите Срби, а тоа го мисли и мнозинството граѓани на Србија, Србите во Црна Гора, како и 100 отсто од луѓето од Република Српска. Не гледам ништо спорно во тоа. Дали Србите ќе имаат право да бидат конечно политички единствен народ? Да ги оставиме границите, мислиме по мирен пат. Дали е можно осум милиони Срби, колку што ги има во регионот, да бидат политички единствени – рече Александар Вулин, српски министер за одбрана, кој деновиве се истакна со изјавите дека „Србија е најмоќна воена држава во регионот“.
Медиумите во Србија пишуваат дека Вулин нема да биде дел од новата влада, па неговите изјави за „единствен српски претседател“ се сметаат како обид да му се додвори на Александар Вучиќ, кој го има главниот збор во изборот на министрите.