Панорама / Српско-албанскo помирување

204

Загреб – Хрватскиот министер за труд, Јосип Аладровиќ, не ја исклучи можноста државата да воведе скратување на работната недела на четири дена поради епидемијата на новиот коронавирус. Тој рече дека е најавена седница на Економско-социјалниот совет, на која работодавците, синдикатите и Владата ќе се обидат да постигнат консензус за тоа каде би можеле да се направат можни заштеди.
– Потпишани се колективни договори, но очекувам претставниците на работниците да ја прифатат ситуацијата – изјави Аладровиќ. ( РТЛ Данас)

Софија – Поради обилните снежни наноси во Рудозем на Родопските Планини, на југот од Бугарија, вчера беше прогласена вонредна состојба во овој регион на Бугарија. Сообраќајот е во прекин, а селата се отсечени. На одделни места снегот е на висина и до еден метар. Тежок снег предизвика лизгање на земјиште на патиштата, а во прекин е и снабдувањето со електрична енергија. Волонтери цел ден отстрануваат откорнати дрвја по патиштата. (БТА)

Атина – Привременото ограничување на движењето на граѓаните во Грција, кое стапи во сила на 23 март, е продолжено до 27 април 2020 година. Во изминатите 24 часа во Грција од ковид-19 починале девет лица, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 68, додека, пак, регистрирани се 60 нови случаи на заразени, односно вкупно 1.673 од почетокот на епидемијата. („Независен“)


Бисер балкански

Српско-албанскo помирување

Градоначалниците на Северна и Јужна Митровица, Горан Ракиќ и Агим Бахтири, изминатиот викенд се состанале на мостот на Ибар, за да ги повикаат граѓаните да ги почитуваат мерките за борба против коронавирусот. Средбата што се одржа на мостот, кој ги спојува двата дела на градот, српскиот и албанскиот дел, се одржа со посредство на командантот на КФОР, генералот Микеле Риси.
– Ги молам сите граѓани на Митровица, и северно и јужно, без разлика на нивната националност, да се придржуваат на препораките. Овој вирус не познава националност и со него се соочува целиот свет – рече Бахтири.
Градоначалникот на Северна Митровица, Горан Ракиќ, изјави дека ова зло не познава административни, национални, политички и верски разлики и граѓани.
– Ги повикувам сите граѓани да преземат одговорност и да се зачуваат прво себеси и сите околу себе – порача Ракиќ.