Панорама / Слични, но различни

101

Софија – Илјадници граѓани четврти ден по ред се собраа пред претседателството во Софија во неделата попладне, со барање за оставка од Владата на премиерот Бојко Борисов и јавниот обвинител. Демонстрантите скандираа „Оставка“, а протестот се одвиваше мирно. Еден од присутните рече дека излегол на протестот затоа што сака „оваа корумпирана влада да падне“. Друг граѓанин изјави оти протестира бидејќи владата на Борисов е мафија. (БГНЕС)

Загреб – Претседателот на Самостојната демократска српска партија (СДСС) во Хрватска, Милорад Пуповац, изјави дека партијата не се двоумела да го поддржи хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и дека продолжиле разговорите со него за нивните позиции во новата хрватска влада. Пуповац кажа дека е договорено министер да биде некој што ќе го предложи СДСС, односно претставник на српската заедница, кој ќе ги застапува интересите на Србите и другите малцинства. Тој соопшти дека не е исклучена ниту позицијата вицепремиер. („Политика“)

Приштина – Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, вели дека нема алтернатива на дијалогот со Белград.
– Приштина влегува во овој процес само заради меѓусебно признавање и целосна нормализација на односите – рече Хоти.
Темите за кои се разговарало на видеосредбата во Брисел биле воените репарации, враќањето на катастарските документи, регулирањето на економските односи и други прашања. („Косово онлајн“)


Бисер балкански

Слични, но различни

– Во Хрватска, мандатарот Андреј Пленковиќ, кој за разлика од Александар Вучиќ во Србија има тенко парламентарно мнозинство, најави брзо формирање на Владата, а на српскиот претседател, кој освои двотретинско мнозинство и кој практично ги води преговорите сам со себе, му треба многу повеќе време, за да биде напнато, за да си игра со своите марионети и што подолго да остане на сцената, затоа што сите други се непостојни и се во технички мандат. Единствено што е слично се победничките фалби и навивачкиот патриотизам. И во Хрватска како и во Србија, најверојатно, и последиците од коронавирусот ќе бидат исти – рече новинарката Гордана Суша за сличностите и разликите во спроведувањето на парламентарната демократија.