Панорама / Руска вакцина

541

Сараево – Во Сараево се уапсени 17 сообраќајни полицајци под сомнение дека примале мито. Тие се осомничени дека во последните неколку месеци извршиле над стотина кривични дела како што се примање подарок и други облици на корист. Полициската акција „Подарок 1“ е најголемата операција за откривање корупција во полициските редови во повоена Босна и Херцеговина. („Кликс“)

Атина – Турскиот брод за сеизмички истражувања „Оруч Рејс“ прексиноќа го промени правецот. Според грчките медиуми, бродот и понатаму се наоѓа во морскиот дел за кој Грција смета дека е нејзин континентален гребен. Медиумите во Грција објавуваат дека турскиот брод воопшто не започнал со истражувањата, веројатно поради бучавата од воените бродови од двете земји. (МИА)

Загреб – Европската комисија соопшти дека Хрватска ќе добие околу 88,9 милиони евра помош за закрепнување од земјотресите што го погодија Загреб во март. Ова го соопшти европската комесарка за кохезија и реформи Елиса Фереира истакнувајќи дека овие пари се наменети за Хрватска од европскиот Фонд за солидарност. („Еуобсервер“)


Бисер балкански

Руска вакцина

– Јас ќе бидам првиот што ќе прими вакцина за која српските стручњаци ќе кажат дека е добра. Со тоа ќе помогнам во превенцијата од болеста ковид-19. Јас знам со кого разговараат нашите луѓе, со кого се потпишани меморандуми за соработка, со кого го следат развојот во првата, втората и третата фаза. Затоа го споменував и ноември во врска за набавката. Но среќен сум ако Русите пред овој месец ја произведоа вакцината. Само за тоа мора нашите тимови да ни кажат дали е безбедна – рече Александар Вучиќ, претседателот на Србија, за тоа дали нивните здравствени власти размислуваат да ја користат руската вакцина против коронавирусот.