Панорама / Разубавена влада

184

Белград – Поради обилните врнежи од дожд, во повеќе општини во Србија е прогласена итна одбрана од поплави, а од поплавените објекти се евакуирани 34 лица. Вонредна состојба е прогласена во Ниш, Лесковац, Дољевац, Бојник, Власотинце. Поради тенденцијата на пораст на водостојот и заситеноста на почвата, прогласена е редовна одбрана од поплави на водоводната единица „Нишава-Ниш, Димитровград“ и на водоводната единица „Ибар-Краљево, Нови Пазар“. (РТС)

Приштина – Министерот за здравство на Косово, Арменд Земај, соопшти дека здравствените власти во земјата ги разгледуваат можностите за олеснување на некои од мерките за спречување на ширењето на епидемијата на ковид-19. Земај преку својата страница на Фејсбук порача дека, споредено со другите држави, Косово продолжува да биде најуспешно во справувањето со епидемијата на коронавирусот. („Независен“)

Подгорица – Црногорската влада планира со измена на програмата за економско државјанство да му овозможи на висококвалификуваниот кадар, особено во областите на науката и технологијата, да стекне црногорско државјанство. Со тригодишната програма за добивање црногорско државјанство би можеле да се доделат околу 2.000 пасоши. (РТЦГ)


Бисер балкански

Разубавена влада

– Се чини сега имаме порелаксирана атмосфера, имаме повеќе пристојност, машките колеги повеќе посветуваат внимание како комуницираат, малку повеќе се џентлмени. Има и женски коментари за гардеробата и шминката. Имам убави зборови за сите министерки. Мислам дека доста се модерни, современи и дека, покрај професионалниот, дадовме и убав тон во изгледот на Владата. Не сме политичарки од типот на Ангела Меркел – изјави Марија Обрадовиќ, министерка за државна управа и локална самоуправа во Република Србија, во разговорот за „Курир“, на прашањето каква е комуникацијата во српската влада по изборот на неколку жени министери.
Маја Обрадовиќ долги години работела во новинарството, а од 2008 година почнала активно да се занимава со политика.