Панорама / Причест против вирус!

233

Бања Лука – Националното собрание на Република Српска донесе одлука за прогласување вонредна состојба. Одлуката е донесена на специјалната седница на Националното собрание што се одржа во Бања Лука. Поради одлуката да се затвори седницата за јавноста, опозициските партии не ја поддржаа агендата, а некои од нив решија да не присуствуваат на седницата. (B92)

Белград – Во Србија на црната листа според бројот на заразени лица од коронавирус се 11 града. Најмногу инфицирани има во Белград, 289 случаи, а по него се Ваљево со 47 заразени лица, Ќуприја со 41 и Ниш со 37 заболени. Во Србија починаа десет лица како последица на коронавирусот. („Танјуг“)

Подгорица – Претседателот на опозициското Движење за промени, кој е еден од лидерите на Демократскиот фронт, Небојша Медојевиќ, и неговата сопруга Марина со асистенција на полицијата биле спроведени во карантин, поради непочитување на препораките за самоизолација. Сопругата ја напуштила адресата предвидена за самоизолација, за да даде изјава за медиумите. Против нив е поднесена пријава за кривично дело непостапување по здравствените прописи за спречување заразни болести, соопштија од Управата на полицијата на Црна Гора. („Вијести“)


Бисер балкански

Причест против вирус!

Српскиот архијерејски синод на Српската православна црква издаде верски препораки против ширењето на коронавирусот, а тоа значи дека нема да се прекинат служењето на литургиите и вршењето причест. Од СПЦ соопштија дека тоа е работа за која не може да се расправа, а тоа претставува основа на верата во бога. Причеста ќе се врши без контакт со металното лажиче, информираа вчера медиумите во Србија.
Синодот ги повикува верниците со своите свештени лица благовремено да се договорат за терминот на причеста во нивните домови. СПЦ ќе ги применува препораките на српската влада за спречување на епидемијата, а на обредите во верските објекти и на отворен простор ќе се вршат без верници.
Католичките бискупи во Србија на 19 март соопштија дека се откажуваат од славење на светата миса со народот, таа ќе се пренесува преку видеолинк, а црквите ќе останат отворени за поединечни молитви.