Панорама / Прва тужба против НАТО-бомбардирањето

178

Софија – Бугарската влада одлучи пописот на населението и на станбениот фонд да се одржи во периодот од 7 септември до 3 октомври оваа година, а електронската картичка за попишување ќе биде достапна на интернет од полноќ на 7 септември до полноќ на 17 септември. Пописот со посета на домаќинства, згради и живеалишта од попишувач ќе се одржи на 3 октомври. Овој попис требаше да се спроведе на почетокот на оваа година, но на крајот од 2020 беше одложен за неколку месеци поради пандемијата на коронавирусот. (БНР)

Атина – Досега има над 100 поплаки од студентки за сексуално вознемирување од двајца професори, едниот на Факултетот за геологија, другиот на Филозофскиот факултет. Најмалку за два од случаите обвинителството почнало прелиминарна истрага. Повеќето од пријавите се однесуваат на поранешен, сега веќе пензиониран професор од Факултетот за геологија, а според поранешната студентка Лина Салтабаси, која сега е претседателка на Асоцијацијата на жени претприемачи, станува збор за „болна тема што се отвора по 30 години“, бидејќи првата пријава била уште во 1984 година. („Независен“)

Љубљана – Во Словенија во последните 24 часа, со повеќе од 11.000 тестирања, се потврдени 1.689 нови случаи на зараза со коронавирусот, со што продолжуваат позитивните трендови што се бележат последните неколку дена. Владата се подготвува за првото позначајно попуштање на строгите рестриктивни мерки во регионите што покажуваат најдобри резултати во намалувањето на бројот на заболени од ковид-19. До почетокот на летото би можело да бидат вакцинирани 70 отсто од населението. (СТА)


Бисер балкански

Прва тужба против НАТО-бомбардирањето

Вчера во Вишиот суд во Белград е поднесена прва тужба против НАТО во името на офицерите, војниците, полицајците и воените резервисти заболени од канцер, а кои престојувале на Косово во текот на НАТО-бомбардирањето на СР Југославија. Тужбата ја поднесе адвокатска канцеларија од Ниш, а адвокатот Срѓан Алексиќ изјави дека со користењето на осиромашениот ураниум е повредено правото на живот на граѓаните на Србија што живеат на Косово и на југот на Србија.
– Особено се загрозени жителите кај Плачковица, оддалечена 2,5 километри од центарот на Врање, како и други пет села во општината Бујановац и Прешево, а за што има и потврда од НАТО дека е фрлено најмногу осиромашен ураниум. Таму живеат голем број лица што се заболени од оваа болест – изјави Алексиќ.