Панорама / Осветена општина

52

Подгорица – Во Никшиќ, Беране и во Андриевица, од 28 септември до 12 октомври, ќе биде забрането напуштање на станбените згради од 22 до 5 часот наутро, а забранети се работата на угостителските објекти и домашните посети. Институтот за јавно здравје го објави списокот на кумулативна инциденца на ковид-19 за локалните самоуправи од 12 до 25 септември, врз основа на што ќе се применуваат нови мерки на Националното координативно тело од понеделник. (РТЦГ)

Бања Лука – За седум дена во Република Српска од коронавирусот се заразени 416 лица, од нив 55 се деца, а 50 деца се на возраст за основно образование. Од први септември, кога почна учебната година во РС, заразени се вкупно 162 ученика. Од нив 84 посетуваат основно образование, а 78 се во средните училишта. („Српскаинфо“)

Загреб – Хрватска верува дека е време да се ревидира Дејтонскиот договор, нагласи хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на онлајн сесијата на Генералното собрание на ОН.
– Како една од страните во договорот, Хрватска смета дека годишнината од договорот треба да се искористи за да се размисли за нејзините достигнувања, но и за моменталната состојба во Босна и Херцеговина, со намера за цврсто водење на таа држава на нејзиниот европски пат – изјави хрватскиот премиер.
Пленковиќ посочи дека 2020 година е година на одбележување на 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, кој „ја прекина најкрвавата војна во Европа од Втората светска војна“. („Јутарњи лист“)


Бисер балкански

Осветена општина

– Јас го направив тоа поради 5.700 гласа што ја поддржаа листата „За иднината на Будва“. За верник што верува во црквата и што ги познава каноните тоа е вообичаен чин. Тешко е да се разговара со луѓе што не се верници. Ако во Општината може да престојуваат полицајци, паравоени формации и да користат солзавци, тогаш мислам дека е поквалитетно во неа да престојуваат и наши свештеници – Марко Царевиќ, претседател на Општина Будва, за својот потег да ги освети просториите на Собранието на Општината, по изборот на прв човек на градот, за што појасни дека со тоа се извршени „дезинфекција, дезинсекција и демонизација на Општината“.