Панорама / Нов почеток за Европа

579

Приштина – Поранешните политички и воени водачи на ОВК што се во притвор во Специјалниот суд во Хаг во моментов може да контактираат со членовите на нивните семејства само преку видеоповици. Специјалниот суд потврди дека обвинетите што се во притвор во Хаг никој не може физички да ги посети.
Седум поранешни политички и воени лидери на ОВК се обвинети за низа злосторства, од заплашување сведоци, кои ги барале поранешните водачи на воени ветерани на ОВК, до убиства и сурово однесување кон луѓето од страна на поранешните водачи на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели и Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Саљих Мустафа. („Алсат“)

Белград – Србија ги заостри мерките за борба со коронавирусот и од вчера во наредните десет дена ќе бидат во сила рестрикции што предвидуваат пократко работно време на одредени економски субјекти.
Рестораните, кафулињата, баровите, клубовите, трговските центри, театрите, кината и други културни институции, како и приредувачите на специјални и класични игри на среќа, ќе смеат да работат до 18 часот. Продавниците и другите малопродажни објекти ќе бидат отворени до 21 часот. (РТС)


Бисер балкански

Нов почеток за Европа

– „Европа“ во доминантниот политички дискурс стана произволна дискурзивна маса, која од страна на политичките елити се моделира според потребите. Кога на ова ќе се додадат сите пропусти на ЕУ, нејзината недоследност и технократската рутина доаѓаме до моментот кога граѓаните често се прашуваат дали ЕУ може да се промени. Мора да се поставува и прашањето дали денешната ЕУ веќе одамна стана уморна од сопствената амбиција на проширување и тогаш само рефлексно го одржува процесот на проширување во живот. Тоа се легитимни прашања, но на крајот не смееме да заборавиме, ЕУ и Европа (или барем мнозинството земји во ЕУ) сѐ уште се синтагма за либерални, демократски, слободни општества. Со некој нов ангажман на администрацијата на Бајден и со разбудена и реактивирана ЕУ на Балканот и во Босна и Херцеговина можеби постои шанса да се поправат грешките од последните години, да се повлечат црвени линии кон оние што го спречуваат нормалното опстојување на земјите, да се создадат нови алијанси со прогресивни сили и да се тргне во нов почеток – вели Ведран Џихиќ, соработник на австрискиот Институт за интернационална политика и предавач на Факултетот на политички науки во Виена.