Панорама / „Мост Трамп“ и „Езеро Трамп“

101

Приштина – Специјалци на „Еулекс“, кои биле маскирани и вооружени, влегоа во канцеларијата на здружението на воените ветерани на ОВК. Оваа акција е спроведена 24 часа по одлуката на Специјалниот суд во Хаг за приведување на првиот обвинет од ОВК за сторени воени злосторства. Претходната недела, непознато момче во три случаи однесе во канцеларијата на ветераните документи со изјави на сведоци од архивата на Специјалниот суд. („Новости“)

Белград – Воен авион на српското воено воздухопловство се урна вчераутро, околу 9 часот, во близината на селото Брасина, кај Мал Зворник, соопштија од српското министерство за одбрана. Авионот „миг 21“ паднал во двор на куќа. Државната српска телевизија наведува дека едниот пилот загинал, а по другиот се трага.
Војската на Србија имала само два авиона од овој тип, а неодамна биле ремонтирани. (РТС)

Атина – Ратификациите на договорите со Македонија не се итни, вели претседателот на грчкиот парламент Константинос Тасулас, одговарајќи на соопштението од СИРИЗА во кое од опозициската партија коментираат дека Владата на неодредено време ги одложува ратификациите.
Од опозициската СИРИЗА, претходно, излегоа со соопштение во кое велат дека претседателот на парламентот и Владата се плаши дека ќе има различни ставови од пратениците на Нова демократија. (МИА)


Бисер балкански

„Мост Трамп“ и „Езеро Трамп“

Голем транспарент на кој е напишано „Мост Трамп“ бил поставен на железната конструкција на мостот на езерото Газивода, а во локалната самоуправа Зубин Поток, со мнозинско српско население, не можат да соопштат кој го сторил тоа.
На асфалтот на мостот, кој некогаш беше познат како мост на генералот Никола Љубичиќ, е поставен уште еден натпис, на кој на англиски јазик е напишано: „Претседателе Трамп, косовските Срби ви се заблагодаруваат што донесовте мир“.
Пораки со благодарност за американскиот претседател има и на браната на езерото што е именувано како „Езерото Трамп“.
Вакви транспаренти на северот на Косово беа поставени и на претходните претседателски избори во САД, во 2016 година, кога Доналд Трамп освои победа.
Во кратката изјава за „КоССев“, градоначалникот на Зубин Поток, Срѓан Вуловиќ, рече дека не знае кој стои зад оваа акција.