Панорама / Мигранти наместо гастарбајтери

234

Загреб – Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ не учествуваше на одбележувањето на годишнината од акцијата „Масленица ’93 “, затоа што во службениот протокол имало две лица со обележја „За дом спремни“. Тој пристигна во Задар, но ја напушти свеченоста. Ова не е првпат претседателот на Хрватска, Милановиќ, поради усташки обележја да напушта свеченост. Истото тоа се случи во мај минатата година во Окучани, на одбележувањето на годишнината на акцијата „Блесок“. („Дневник“)

Атина – Од девет на 12 месеци ќе се зголеми воениот рок во Грција од мај годинава, а конкретниот предлог на Министерството за одбрана бил разгледан на владиниот совет за надворешна политика и одбрана. Министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, рече дека предлогот е дел од општата рамка за надградба на вооружените сили и времетраењето на воениот рок во армијата ќе биде еднакво со оној во воената морнарица и военото воздухопловство, односно една година. („Курир“)

Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета ги објави, како што наведува, повеќе од загрижувачките податоци на Евростат за бројот на албански граѓани баратели на економски азил на 10 илјади жители, во периодот 2014-2019 година. Во тој период економски азил во некоја од земјите на ЕУ побарале 189.975 албански граѓани. Во објава на социјалните мрежи, претседателот Мета наведува дека „еден Албанец денес се чувствува многу побезнадежно од еден Сириец, Ирачанец или Авганистанец“. (Сител)


Бисер балкански

Мигранти наместо гастарбајтери

– Актуелната епидемиолошка состојба и воведувањето карантини и тестирање спречи многу луѓе да дојдат во Србија, па, така, се намалија и стоматолошките пациенти. Декември и јануари беа резервирани за гастарбајтерите, но годинава се забележува и поголем број на мигранти, кои својот престој во Србија го користат за поправка на забите. Мојата лекарска должност е да го примам секој пациент и можам да кажам дека имаме одреден број луѓе што побегнале од своите земји со некакви стоматолошки проблеми. Најчесто доаѓаат со болки и повреди. Во некои случаи им даваме попуст или гратис – вели Огњен Зурковиќ, стоматолог од Сомбор, во изјава за РТВ, за тоа дека сѐ повеќе мигранти се јавуваат за стоматолошки услуги наместо домашните печалбари, кои традиционално се пациенти во текот на зимскиот период.