Панорама / Лекциите од Црна Гора

227

Брисел – Портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, рече дека Унијата го поздравува секој обид да се помогне во нормализацијата на односите помеѓу Србија и Косово, алудирајќи на разговорите што се водат во Вашингтон.
– Средбата што ја организираат нашите американски партнер е во рамките на дискусиите помеѓу Србија и Косово, секогаш сме кажувале дека секоја активност што може да помогне позитивно во нормализацијата на односите е добредојдена – рече Стано. (РТС)

Загреб – Хрватското државно Обвинителство за спречување корупција (УСКОК), врз основа на пријава од приморско-горанската полиција, почна истрага против осум шверцери на мигранти, кои, наводно, на тој начин за две години заработиле 300.000 евра. Групата, која оперирала од 2018 година до септември оваа година, според тврдења на Обвинителството, со непозната личност од странство договориле прифаќање на мигранти на границата меѓу БиХ и Хрватска за најмалку 2.000 евра по лице и 300 евра по парче багаж. („Хина“)

Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета ги почна консултациите со политичките партии за одредување датум за парламентарните избори што ќе се одржат следната година. Средбата со лидерот на Социјалистичката партија и актуелен премиер Еди Рама, траеше многу кратко. („Локално“)


Бисер балкански

Лекциите од Црна Гора

– Опозицијата во Црна Гора и во претходните изборни циклуси имаше мнозинство, но поради изборните манипулации на ДПС и разработените техники за прекројување на изборните резултати не можеше да формира влада. Разликата во изборниот резултат мораше да биде и поголема од еден пратенички мандат, така што ова не е никакво изненадување за оние што внимателно ги следат политичките трендови во Црна Гора. Црногорската опозиција ѝ одржа лекција на опозицијата во Србија во формирањето различни идеолошки колони и соработката меѓу нив. Но во овој момент можеби е најважно доколку Ѓукановиќ му одржи лекција на својот политички близнак Вучиќ и мирно ја предаде власта. Најголема победа за Мило Ѓукановиќ е тоа што ќе даде голем придонес за воспоставување на демократијата во ЦГ, по три децении автократска власт – рече Борис Тадиќ, лидер на Социјалдемократската партија и поранешен претседател на Србија.