Панорама / Едни слават, други работат

74

Белград – Против директорите на основните и средните училишта во Белград е поднесена кривична пријава затоа што ги условувале децата и наставниците да носат маски. До 300 директори стигнала кривична пријава од Синдикатот на вработените во полицијата. Директорот на Земунската гимназија во Белград, Милош Бјелановиќ, вели дека е шокиран откако против него и уште против 300 други директори на основни и средни училишта во Белград е поднесена кривична пријава. („Новости“)

Приштина – Публицистот Ветон Сурои вели дека повеќе не се дискутира дали ќе има избори во Косово, туку кога ќе се одржат тие во следните три месеци.
– Ја поминавме критичната фаза со епидемијата и тоа може да произведе гласови за и против партиите. Ќе видиме што ќе донесат изборите – рече Сурои. („Клан Косова“)
Подгорица – Од вчера стапи во сила полициски час во Црна Гора, а угостителските и услужните објекти ќе работат од 7 до 18 часот. Забраната за напуштање на станбените објекти ќе важи од 19 до 5 часот наутро. Мерките ќе се применуваат до 8 декември, објави Националното координативно тело за инфективни болести (НКТ).
НКТ ги повика граѓаните целосно да ги почитуваат сите мерки бидејќи тоа е единствениот начин да се сузбие ширењето на коронавирусот. (РТЦГ)


Бисер балкански

Едни слават, други работат

Во Федерацијата Босна и Херцеговина, едниот од двата ентитета, вчера беше одбележан 25 Ноември, Денот на државноста на БиХ. На овој датум во 1943 година во Мркоњиќ Град било одржано првото заседание на ЗАВНОБИХ, кој претставувал највисок политички, претставнички и законодавен орган што одлучил Босна и Херцеговина да биде рамноправна федерална единица во рамките на југословенската федерација.
Празникот не се слави во Република Српска, бидејќи политичките претставници на овој ентитет сметаат дека БиХ не настанала на 25 ноември туку на 21 ноември, на денот на парафирањето на Дејтонскиот мировен договор. Во РС се слави потпишувањето на Дејтонскиот договор.
Босна и Херцеговина нема закон за празници на државно ниво.