– Ние двајцата сме соборци. Ако Српската напредна партија не сака да се бори, тогаш ќе се бори Движењето на социјалистите. Имаат подобар кандидат од мене, тоа е Александар Вучиќ, но немаат друг подобар од мене, според тоа, или тој ќе се кандидира или јас – изјави Александар Вулин, министерот за внатрешни работи на Србија, за тоа дали ќе се кандидира на следните претседателски избори.

Тој во настапот на ТВ Прва рече дека притисокот од земјите од Западот е единствена причина актуелниот претседател Вучиќ да не се кандидира за втор претседателски мандат, пренесе Нова ТВ.


Атина – Жителите на областа Атика, поширокиот регион Атина и на островот Евија добија порака од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција со предупредување за екстремна опасност од пожари во текот на денешниот ден. Од граѓаните се бара да бидат внимателни, да избегнуваат активности што може да предизвикаат пожар и веднаш да ја известат противпожарната служба доколку забележат чад или жариште. („Независен“)

Приштина – Претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, изјави дека Косово ги зголемува капацитетите за прием на авганистански бегалци. Таа не кажа колку бегалци може да примат во овој момент и додаде дека сѐ зависи од транспортот на бегалците организиран од САД.
– Не можам да го споменам конечниот број бегалци што ќе ги примиме, додека не проучиме на која локација во Косово можеме да ги сместиме. Тоа е прашање на денови, но ние сме подготвени да ја прифатиме првата група, така што ќе зависи од тоа како се организира нивниот превоз од САД – рече таа. („Скај њуз“)

Белград – Србија ѝ донира 30.000 дози од вакцината против коронавирусот „Спутник V“ на африканската држава Намибија
Договорот за донација, во главниот град на Намибија, Виндхок, го потпишаа српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ и министерката за надворешни работи на Намибија, Нетумбо Нанди-Ндаитва, кои за време на заедничкото обраќање изразија голема благодарност до таа земја за помошта во борбата против епидемијата на корона-вирусот.