Панорама / Вирус во српската влада

755

Белград – Пратениците во косовскиот парламент од редовите на Српската листа да не влегуваат во „албанско-албанските“ судири, порача Марко Ѓуриќ, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија. Со неискажувањето доверба на косовската влада, која направи многу против дијалогот, не ги затвори вратите за соработка со оние што сакаат нормали односи и дијалог – изјави Ѓуриќ по разрешувањето на косовскиот премиер Албин Курти. („Блиц“)

Љубљана – Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека се согласил да се испрати војска на јужната граница со Хрватска, поради опасност од илегална миграција, но дури откако ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот. Пахор рече дека се согласил да се активира членот 37 од Законот за одбрана, кој беше донесен во моментот на масовната мигрантска криза и кој ѝ дозволува на војската да добие полициски овластувања за да ја чува границата. (МИА)

Загреб – Во последните 24 часа сеизмолошката служба во Загреб забележа уште девет мали земјотреси поголеми или околу 1,3 степен според Рихтеровата скала. Најсилниот од нив беше 2,1 степени според Рихтер. Загреб пред неколку дена го погоди земјотрес со јачина од 5,5 степени, во кој животот го загуби 15-годишно девојче. („Вечерњи“)


Бисер балкански

Вирус во српската влада

По објавувањето на првиот случај на носител на коронавирус во Владата на Србија, министрите од премиерскиот кабинет на Ана Брнабиќ ќе заседаваат во палатата „Србија“, затоа што оваа зграда е поширока и во неа полесно може да се спроведуваат мерките за заштита од епидемијата.
Со коронавирусот е заразен државниот секретар во Министерството за животна средина Бранислав Блажиќ, кој е од Кикинда, кое е најголемото жариште во Војводина и каде што е забележан првиот случај на заразено лице во Србија. Сите канцеларии од неговото министерство се дезинфицирани, а вработените што биле во негов близок контакт се во домашна изолација.
Бројот на вработени во српската влада е сведен на минимум, а на секој од нив му се проверува температура и задолжително е носење маски и ракавици.