Панорама / Вето против ветото

264

Љубљана – Словенечката влада им нареди на надлежните служби до 5 декември да се подготват за масовно тестирање на населението за ковид-19, како и да подготват список на доброволци за вакцинација, објави словенечкиот премиер Јанез Јанша. Од денеска ќе почне систематско тестирање на вработените во здравствените установи и во домовите за стари лица. (СТА)

Сараево – Високиот меѓународен претставник за БиХ, Валентин Инцко, рече дека денес, дваесет и пет години откако Дејтонскиот мировен договор ѝ стави крај на војната во БиХ, земјата се соочува со огромни предизвици.
– Сепак, додека ги решаваме, да не заборавиме дека Дејтон го зачува мирот. А тоа не е малку. Дејтон е основа за државата што се обидуваме заедно да ја градиме и надградуваме – рече Инцко по повод 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор. („Аваз“)

Атина – Грција завчера пријави 108 смртни случаи како последица на коронавирусот. Болниците во северниот дел на земјата се под притисок, а на одделенијата за интензивна нега има сѐ помалку легла. Бројот на новоинфицирани вчера бил 2.311, така што вкупниот број на случаи во Грција сега е 90.121, а бројот на смртни случаи е 1.527. (МИА)


Бисер балкански

Вето против ветото

– Европската Унија ќе нема голема штета со уште едно одложување на отворањето на преговорите со Македонија. Тешко е да се поверува дека на Германија, која претседава со Советот на ЕУ, навистина ѝ беше потребно да се случи тоа. Или бугарскиот премиер Бојко Борисов е толку силен да може да ѝ каже „не“ на Ангела Меркел, без какви било последици. Мнозинството членки на ЕУ, всушност, ќе бидат среќни со вакво дополнително доцнење со проширувањето. Тоа за ЕУ одамна не е приоритет. Но блокадата на најголемиот финансиски пакет е уште поголема причина, бидејќи сериозно ја загрозува ЕУ. Тоа ќе отвори процес на формирање клубови на едни што сакаат подлабока интеграција и на други што ќе ги кочат. Тоа нема да биде ЕУ што ја познаваме. Или ќе се договорат вистински за реформи со кои ќе се укине правото на вето за побрзо носење на одлуките. Проблем е тоа што и одлуката за укинување на ветото мора да се усвои во постапка во која постои право на вето – пишува Аугуст Палокај во колумна за „Јутарњи лист“, во која потсетува на проблемот со ставањето вето. Тој го отвора прашањето зошто правото на вето, кое требаше да биде во исклучителни случаи во работењето на ЕУ, стана практика за земјите-членки што сакаат да решат билатерални спорови со други земји.