Панорама / Бесот на граѓаните

88

Подгорица – Црна Гора го додели првиот пасош во рамките на проектот за економско државјанство на граѓанин на Русија.
Но поради доверливоста на информацијата медиумите не можат да ги откријат името на нивниот клиент и неговата матична земја. Владината тригодишна програма за стекнување економско државјанство преку инвестиции започна на 1 јануари минатата година, а преку нејзино спроведување ќе бидат доделени 2.000 пасоши. („Вијести“)

Подгорица – Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека следната недела ќе отпатува за Хаг за да биде сослушан од специјалниот обвинител, чија канцеларија е формирана да ги истражува обвиненијата за воени злосторства извршени за време и по војната за независноста на Косово кон крајот на 1990-тите. Обвинителите неочекувано на 24 јуни објавија дека Тачи и други истакнати Косовци биле предмет на обвинение под сомнение за сериозни злосторства, вклучувајќи ја и улога во „скоро 100 убиства“, присилно исчезнување и мачење. (РСЕ)

Белград – За време на протестите и немирите, кои завчера се одржаа пред Собранието во Белград, повредени се 19 полициски службеници и 17 демонстранти. Полицаец што бил на должност е полесно повреден синоќа како пешак во сообраќајна несреќа кога во него удрило патничко возило. Итната медицинска помош имала 112 интервенции, од кои 30 биле на јавно место. (Б92)


Бисер балкански

Бесот на граѓаните

– Најгласните пароли навистина беа такви, како „Одете на Косово“, „Вучичу Шиптар“, „Вучиќ педер“, но енергијата што излегуваше од тие пораки беше испразнета, избришана од таква смисла. Тоа беа само добро научени зборови, залепени вештачки, во околности на искажување незадоволство поради повторното воведување повеќедневен полициски час во екот на епидемија од коронавирусот. Бесот што излезе од граѓаните и ги натера да излезат на улиците, без нечија организација, или како што власта го претставува тоа – со повик на опозициските партии, а потоа што режимот ги укина сите мерки за заштита од смртоносната болест, за да организира и за да победи на недемократски избори, беше многу јасно одреден исклучиво од тој факт. Преовладуваше ставот дека власта од луѓето прави будали и нема резерви да ги прати и во смрт во време на зараза за да ги оствари своите себични интереси за да остане на власт – рече Снежана Чонградин, новинарка што во личниот блог дава свое видување за протестите во Белград, кое е објавено на „Ал џезира“.