Очи в очи со вистината за епидемијата

555
Плурализмот на изворите и целосната транспарентност во текот на вонредната состојба клучни за зачувување на довербата, препорачуваат од ОБСЕ

Недоразбирањето на релацијата власт – медиуми кулминира со одлуката за централизирано информирање во Србија, која беше донесена на 28 март на седница на српската влада, но брзо беше повлечена по силните реакции на јавноста

Со влегувањето на епидемијата во критичната фаза, со зголемувањето на бројот на заразени и на жртви од коронавирусот, во земјите од Западен Балкан се заострува и односот на официјалните власти и медиумите. Различните погледи за начинот на кој да се информираа за оваа најголема опасност за здравјето на граѓаните беа присутни и во почетните фази на епидемијата и се однесуваа на подготвеноста на здравствените власти и другите државни институции да го спречат ширењето на вирусот. Недоразбирањето на релацијата власт – медиуми кулминира со одлуката за централизирано информирање во Србија, која беше донесена на 28 март, на седница на српската влада.

Таа предвидува сите информации во врска со пандемијата во јавноста да ги соопштува само премиерката Ана Брнабиќ или лице што ќе го овласти Кризниот штаб. Јавноста и медиумите се побунија против регулативата, со образложение дека станува збор за класична цензура на медиумите.
Слични состојби има и во Хрватска, каде што информациите произлегуваат само од еден извор односно од прес-конференциите на Кризниот штаб за справување со епидемијата. Граѓаните и медиумите во Хрватска реагираа на разноликоста на информациите, кои се однесуваат пред сѐ на тоа како да се заштити населението од заразата. Затоа секој од медиумите се повикуваа и на други експертски мислења, за прашања и за тоа дали треба или не да се носи заштитна маска, со што само повеќе се внесе несигурност кај граѓаните.

Во Србија беше приведена во полиција новинарката на порталот Нова.рс, по објавување на информацијата дека во Клиничкиот центар во Војводина има проблем со недостиг од основна опрема и дека функционира целосно во хаотични услови на работа во време на пандемија, како и дека медицинските сестри немаат заштитна опрема и затоа не сакаат да влегуваат кај пациентите. Од Клиничкиот центар, по објавувањето на текстот, изразија разочарување поради „неточното, непроверено и злонамерно известување“. Притоа најавија и дека за сето ова ќе биде информирана полицијата „поради вознемирување и уривање на угледот“. По силните реакции на медиумите, новинарката Ана Лалиќ, која беше прексиноќа приведена во Нови Сад и на која јавниот обвинител ѝ одреди мерка задржување од 48 часа, вчера беше пуштена на слобода.

Во изминатите два дена на социјалните мрежи во Србија беше објавена една друга информација, која се однесуваше за можно воведување општ полициски час во целата земја, со забрана за движење од 24 часа. Оваа вест предизвика вознемиреност кај граѓаните, што беше причина српската полиција да преземе акција за откривање на испраќачот на СМС-пораката. Министерот за внатрешни работи на Србија лично објави дека оваа вест ја пуштил готвач, кој подолго време работел на крузери, а која ја добил од поранешната сопруга.

Под притисок на јавноста, но и по реакциите на ОБСЕ дека се скратуваат правата на слободно информирање во време на епидемија, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера објави дека ја повлекува одлуката за информирање во време на пандемијата на коронавирусот, со која се забрануваше пониски нивоа на владини и здравствени установи да даваат информации во врска со здравствената состојба на граѓаните.
– Моја вина и глупост е што ја донесовме оваа уредба – рече Брнабиќ, додавајќи дека е одлучено уредбата да биде повлечена по барање на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир, и шефот на мисијата на ОБСЕ во Србија, Андреа Орицио, изразија загриженост за новата одлука на Владата на Србија за централизирано информирање во текот на вонредната состојба поради пандемијата со коронавирус и како тоа ќе влијае врз слободниот пристап до информации, објави телевизијата Н1.

– За да се зачува довербата на јавноста, да се спречат нервоза и паника и да има соработка од страна на граѓаните, клучно е дополнително да се заштити слободниот проток на информации од сите нивоа на власт, да се зачуваат плурализмот на изворите и целосната транспарентност во текот на вонредната состојба – посочува Орицио.
Во соопштението на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) пишува дека „таквата одлука на новинарите и медиумите им ја исклучува можноста да добиваат информации за пандемијата од други извори, освен од оние што се споменуваат во содржината на одлуката“.