Отворање на границите на Балканот!

443
Земјите од регионот повеќепати ги менуваа правилата за преминување на границите

Следната недела се очекува земјите од Западен Балкан, Бугарија и Грција конечно да одлучат за слободен премин и за отворање на границите, гласеше оптимистичката најава на македонскиот министер за здравство, Венко Филипче, во еден од редовните настапи пред медиумите, на кој се соопштуваа последните податоци за заболени лица од коронавирусот во Македонија. Одлуката за промена на режимот на движење за граѓаните треба да биде донесена на следната онлајн средба меѓу здравствените власти на земјите од Западен Балкан, Бугарија и Грција. Како образложение за отворање на балканските граници, Филипче ја наведе епидемиолошката состојба, која е слична во целиот регион. Покрај ова, властите на земјите од регионот најавија формирање координативен совет за заедничко дејствување во донесувањето одлуки за борба против пандемијата. Очекувањата се и дека претходно ќе се укине ПЦР-тестот како услов за да се премине границата, а се очекува следната недела и координатор на македонското министерство за здравство пред преставниците на другите држави да ја презентира состојбата во земјава со ковид-19, по што на нов состанок ќе треба да се договори заедничка политика за границите.

Дали ќе се остварат најавите за олеснување на меѓуграничната соработка на земјите од Западен Балкан останува да се види. Меѓутоа, вчерашните извештаи на медиумите од регионот се однесуваа на зголемен број заболени лица во последните денови. Дотолку повеќе што во Словенија состојбата се оценува како „алармантна“, а во Србија епидемиолозите следните две недели ги најавија како „најкритични“ поради враќањето на луѓето од одмор и почетокот на економските и образовните активности во земјата.
Од почетокот на пандемијата, земјите од регионот повеќепати ги менуваа правилата за влез и за излез, зависно од развојот на ситуацијата. Бугарија веќе неколку месеци е затворена за македонските граѓани, а Грција ја продолжи забраната за влез до 30 септември.
Од вчера во Србија почнаа да важат новите правила за влез на српските државјани што се надвор од земјата. Една од мерките беше воведување задолжителен карантин за лицата што нема да се вратат до вчерашниот ден, што ги принуди српските туристи, кои престојуваат во соседните земји, да ги прекинат своите одмори. Тоа предизвика големи колони возила, кои чекаа на граничниот премин Јабука со Црна Гора. Најголемиот метеж се очекуваше во попладневните часови до истекот на определениот термин до 18 часот петок, откога ќе почне да се применува одлуката на Владата на Србија за применување на здравствениот надзор во наредните десет дена над граѓаните што се враќаат од одмор од земјите со неповолна епидемиолошка состојба, меѓу кои е и Црна Гора, пренесува РТВ.

Во Црна Гора, според последните податоци, престојуваат над 70.000 Срби, кои можат да бидат потенцијални преносители на вирусот, затоа што престојувале во земја што се соочува со зголемен број новозаболени лица. Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ вчера изјави дека е реално да се очекува пораст на процентот на заболените во наредните 10 до 15 дена, не само поради враќањето на летувалците туку и поради општата епидемиолошка состојба во земјата.
Со предупредување за влошување на состојбата со епидемијата се јавија и стручњаците од Светската здравствена организација, кои сметаат дека земјите од северната хемисфера треба да се подготви за вториот бран на заразата од коронавирусот, затоа што се приближуваат есента и ладното време.
– Се наоѓаме во многу сериозна состојба. Иако статистиката покажува дека има подобрување со тестирањето, последните бројки се сериозно предупредување за сите нас – изјави Ханс Клуге, шефот на СЗО за Европа.
Кон крајот на август годинава, министрите за здравство на Македонија, Албанија, Грција, Република Српска и на Косово, како и заменик-министерот за здравство на Босна и Херцеговина, директорката на Институтот за јавно здравје од Србија и директорот на здравствениот инспекторат на Бугарија, се договориле да се изработи иницијален документ на заемен протокол за границите во услови на пандемија. Како што соопштија од Министерството за здравство на Македонија, на документот работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а за протоколот ќе се дискутира на следната видеоконференција што е најавена за следните денови.

Целта на овој протокол е да се овозможи слободно движење на патници во земјите од регионот преку координиран пристап. Во протоколот ќе се прецизира како границите да бидат отворени и да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот.
Во меѓувреме Грција ги продолжи одлуките за привремено ограничување на прометот на копнените граници со Македонија, Албанија и со Турција, како и за забраната за влез во Грција на државјани на трети земји.
Ограничувањата на движењето на патниците, кои беа воведени од појавата на пандемијата, го намалија и трговскиот промет меѓу земјите од Западен Балкан и се одразија и на економските активности, особено во туристичките и угостителските дејности.

Состојбата со коронавирус во регионот

Земја                      потврдени случаи                    починати                 оздравени лица

Србија                    32.695                                     738                          3.032

Македонија            16.274                                      675                          13.635

БиХ                        24.793                                      750                          17.304

Косово                   14.882                                       607                         12.188

Хрватска                14.279                                       238                         11.933

Црна Гора              7.503                                         129                          4.892

Словенија              4.058                                         136                          1.026

Извор: Би-би-си њуз (српска редакција)