Организации најавија протест против новата власт во Црна Гора

373

Додека Црна Гора бележи рекордни дневни бројки на инфекции со коронавирус, во Подгорица вечер ќе се одржи политички собир на приврзаници на власта на Мило Ѓукановиќ, чиј организатори се претставуваат како „црногорски патриотски организации“.

Повикот за митингот, што треба да се одржи на централниот Плоштад на независноста во Подгорица, се појави на социјалните мрежи пред неколку дена, а следува по минатонеделниот пораз на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ на парламентарните избори, на кои партијата ја изгуби власта по 30 години. Во поканата, под знамето на Црна Гора, стои: „Црна Гора те повикува, немаш изговор“.

Црногорската полиција не одговорила на прашањата на дневниот весник „Вијести“ кој е организатор на собирот и дали е одобрен истиот, а претходно ДПС соопшти дека станува збор за патриотскиот собир што не е во нивна организација.

Вовед во собирот на Црногорците во Подгорица, кои се противат на новото мнозинство предводено од просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“, беше собирот во Цетиње во четвртокот, каде илјадници демонстранти со знамиња на Црна Гора шетаа по улиците.

Во Црна Гора е на сила забрана за собири поради епидемијата на коронавирусот. Во земјата, во текот на неделата по изборите, трипати беа забележани рекордни дневни бројки на новозаразени.

Инаку, црногорскиот бизнисмен Душко Кнежевиќ деновиве поднесе кривична пријава против претседателот Ѓукановиќ.

Кнежевиќ го обвини претседателот за сторено кривично дело повикување на насилна промена на уставниот поредок.

Во изјавата на неговиот адвокат се вели дека Ѓукановиќ меѓу 30 август и 4 септември повеќепати повикувал на сила да се менуваат резултатите од парламентарните избори, иако, како што се додава, тој декларативно го признал поразот на ДПС на изборите, пренесува „Вијести“.