Орбан по средбата со Пленковиќ: Обајцата имаме горчлив вкус во устата

370

Речиси истовремено со средбата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со неговиот колега од Унгарија Виктор Орбан во Загреб, Жупанискиот суд денеска повторно одреди истражен затвор за шефот на унгарската компанија МОЛ Жолт Хернади, кој важи за близок пријател на Орбан.

Хернади, чие судење почна во октомври во негово отсуство, е обвинет за давање поткуп на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер, кој за возврат на унгарската нафтена компанија МОЛ наводно, ѝ ги препуштил управувачките права во хрватската фирма Ина.

Минатиот месец, меѓународната полициска организација Интерпол одлучи да ја обнови потерницата за апсење на Хернади, издадена пред неколку години, што Унгарија досега одбива да го спроведе.

Против Хернади беа покренати обвиненија во Хрватска за наводен поткуп на Санадер во 2008 година, за да овозможи на МОЛ да ја преземе контролата над хрватската енергетска компанија ИНА, во која МОЛ поседува најголемиот пакет акции, но не е мнозински акционер.

Судењето против Санадер и Хернади започна во октомври. И двајцата негираат дека се виновни.

МОЛ поседува речиси 50 отсто од акциите ИНА, а Загреб поседува 45 отсто. Двете страни со години водат спорови за менаџментот и инвестициите, а пред две години хрватската Влада објави план да ги откупи акциите во сопственост на МОЛ.

На денешната средба, Орбан и Пленковиќ се согласија дека проблемите поврзани со ИНА фрлаат сенка, на инаку добрите билатерални односи. За време на средбата, двајцата државници разговараа за бројни прашања и истакнаа дека оваа посета на Орбан, прва после седум години, е можност за зајакнување на меѓусебните односи, оптоварени со несогласувањата околу ИНА, пренесува Хина.

– Постои добра волја, и на унгарска и на хрватска страна, тие проблеми да се решат. Она што сакаме е тој проблем да не ги оптоварува односите на другите подрачја – истакна Пленковиќ.

Одговарајќи на прашањето дали официјален Загреб и натаму е подготвен да ги откупи акциите на ИНА од МОЛ, хрватскиот премиер потсети дека на страната на Хрватска е ангажирана државата, а на страната на Унгарија е приватна компанија.

– Ставовите на хрватската Влада се непроменети, а на крајот е клучно да се постигне договор за она што се нарекува цена – појасни Пленковиќ.

Средбата на двајцата премиери е организирана пред почетокот на дводневниот Самит на Централноевропската иницијатива, кој денеска и утре се одржува во Загреб.