Опозицијата поделена и во бојкотот на Собранието

142

Некои од партиите во српската опозиција работат на усогласување на заедничката платформа на дејствување и формирање влада на експерти

По минатонеделниот неуспешен обид за усогласување на заедничката стратегија, претставниците на дел од опозицијата вчера требаше да се состанат за да постигнат договор за бојкотот на работата на српскиот парламент. Засега за ова прашање постојат различни ставови меѓу партиите и во самиот опозициски блок Сојуз за Србија, пишува „Новости“.
Лидерот на Социјалдемократската партија, Борис Тадиќ, ги повика партиите да им се приклучат на бојкотот на Собранието што го почнаа минатата недела, затоа што „единствена улога со одржување на парламентарните седници е да се создаде привид на демократија во земјата“.

Извесни резерви кон ваквиот пристап на политичка борба има и во самите опозициски партии, како што е Демократската партија, во која има и судир меѓу самите пратеници, иако партиските органи веќе донеле одлука за бојкотирање на седниците на Собранието на Србија.

На вчерашниот состанок на опозициските партии биле повикани претставници од СЗС, ДСС, од блокот „Да не го давиме Белград“, ПСГ, од Нова партија, од Граѓанската платформа, СДС, Партијата на модерна Србија, како и неколкумина независни пратеници. Претходните денови, како што пишува „Вечерње новости“, меѓу посочените политички субјекти била доставена предлог-платформата во која се предлага излегување од сите претставнички тела, бојкотирање на изборите доколку не се исполнат барањата на опозицијата за слободно изјаснување на граѓаните, но и поднесување една заедничка пратеничка листа со назив 1 од 5 милиони, доколку се одлучи да се излезе на избори. Во платформата се предлага партиите да се обврзат да се формира влада на експерти во која не би биле партиските лидери, како и воведување специјално обвинителство за корупција и организиран криминал, лустрација, заштита на независните регулаторни тела од партиски влијанија, испитување на потеклото на имотот и измена на изборните закони.

Бојан Клачар од „Цедид“ е скептичен во однос на резултатите што ќе ги донесе бојкотот од дел од опозицијата.

– Се чини мнозинството опозициски партии одат во насока на бојкотирање на институциите и на изборите. За тоа ќе постигнат договор. Прашање е колку тие со неприсуството во парламентот ќе можат да ја водат својата активна кампања и да бидат видливи во јавноста. Не сум сигурен во ова и мислам дека за опозицијата е подобро да излезе на предвремени избори – вели Клачар.

Вуја Илиќ од невладината организација „Центар за истражување, транспарентност и одговорност“ (ЦРТА) вели дека успехот на бојкотот на Собранието зависи од неколку фактори. Еден од нив е дали опозицискиот фронт ќе биде единствен.

– Освен постигнувањето единствен став за идното дејствување, многу е важно прашањето како би изгледало нивното вонинституционално дејствување. Од тоа зависи ефектот, дали ќе се смени климата во парламентот, како и подобрувањето на условите за избори, со оглед дека напуштањето на парламентот е ризичен потег – вели Илиќ за Радио Слободна Европа.

Познато е дека во парламентарните клупи останаа претставниците од ЛДП на Чедомир Јовановиќ, од Лигата на социјалдемократите на Војводина на Ненад Чанак, од Српската радикална партија на Војислав Шешељ и од Партијата за демократска акција за Санџак на Сулејман Угљанин.