Опозицијата е против уривање на националниот театар

171

Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, ги предупреди пратениците на владејачката Социјалистичка партија дека доколку го изгласаат законот за уривање на Националниот театар во Тирана, опозицијата ќе ги смета за терористи.

По средбата што ја оствари со претставници на театарските уметници, кои се против уривање на објектот, Баша изјави дека со усвојувањето на законот се отвора патот за сојуз меѓу албанскиот премиер Еди Рама и компанијата „Фуша“, за „да се урне еден бисер од културното наследство, заради нивните финансиски и мафијашки интереси“.

– Сакам да им порачам на пратениците дека гласањето на овој закон е акт на државен удар и секој од нив го става на позиција еднаква со терористите, кои во услови на нефункционирање на Уставниот суд ги уништуваат земјата и културното наследство, за да ги наполнат џебовите на Рама – порача Баша.

Националниот театар, кој се смета за еден од најубавите и најзначајни објекти по кој е препознатлива Тирана, е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте.

Тој почнал да се гради во 1938 година по барање од албанското кралско семејство, а бил изграден следната година. Целиот комплекс Национален театар oпфаќа површина од 13.000 квадратни метри, во кој освен театарот се наоѓаат и библиотека, центар на преведувачи и информативен центар.

Владата на местото на театарот планира изградба на неколку повеќекатници, а нов театарски објект ќе се гради на друга локација.